Рецензија
- Кон годинашниот „неБитеф“, низ селекција на Милош Лолиќ и Борисав Матиќ, одржан од 15 до 18 декември на неколку локации низ Белград, Србија
На самиот праг пред златниот јубилеј, само една година пред тоа, „Битеф“, еден од најзначајните светски театарски фестивали, замина во герила, во издание што е создадено, организирано и реализирано „no matter what“ или можеби како насушна вода врз големата билка наречена театар, која не смее да пресуши во оној момент кога треба на светот да му покаже како се преживува во време на длабока политичка поделеност на земјата. Гледајќи ги претставите и настаните на овој, по многу нешта, необичен „Битеф“, се потсетив на неговите изданија пред четири децении или можеби пред само три децении, кога како млади театарски ентузијасти заминувавме за Белград за да ги гледаме претставите на големите театарски уметници, како што беа Ингмар Бергман, Питер Штајн, Јозеф Шајна, повторно „no matter what“ опседнати од помислата дека пораките што во тоа време ги испраќаа концептите на овие големи театарски магови се повторно предупредувања за исцелувањето на светот, кој во тоа време го најавуваше крвавото расцепување на една држава за чија мултикултурност новите шест држави, градејќи каква таква демократија, никако да слушнат. Тоа сиво чувство повторно отвори дилеми во мене, но се чини дека овој пат овие дилеми имаат еден друг, сив вкус на тивко, неизбежно умирање на човековиот идентитет, на неговото сега веќе сериозно девастирано духовно постоење. Таканаречениот „непослушен“ тим на „Битеф“ во својата програма на одборот ја вклучи најновата претстава на Мило Рау, „Процесот Пелико“, која досега ги имала премиерите само на фестивалите во Авињон и Виена, како ексклузивен театарски настан на годинашниот „Битеф“, но освен претседателот на одборот, сите други членови го одбиле овој проект, а заедно со него и целата програма. Сето ова одекна како скандал низ европските театри и фестивали, па оваа верзија на „Битеф“, наречена „неБитеф“ под слоганот „Битеф е таму каде што ќе се собереме, настана како плод токму на таа „непослушност“, која е на некој начин силен удар на систематската ерозија на културата во Србија низ низа откажувања на фестивали, театарски репертоари и што сè не друго.
И „Битеф“, всушност, „неБитеф“ започна. Каде ако не на Факултетот за драмски уметности во Белград, колепката на плејада театарски уметници од Србија, уметнички персоналитети што станаа столбови на српскиот театар. По шеснаесетминутната тишина по повод загинатите во урнатата натстрешница на железничката станица во Нови Сад, програмата на „неБитеф“ започна со дебата точно напладне, посветена на движењето „Отпор сега!“, кое швајцарскиот режисер и директор на Виенскиот фестивал, Мило Рау, го започна пре две години и кое со себе поведе многу театарски институции и уметници, движење што е особено посветено на политичката репресија врз уметноста и нејзините институции. „Процесот Пелико“ е претстава судски процес изграден од стенограмите на судскиот процес на Жизел Пелико, жртва на силување на повеќе од педесет мажи во текот на десет години, организирано од страна на нејзиниот сопруг Доминик Пелико, во периодот од 2011 до 2020 година, стравотен настан што го потресе светот, а кој се случувал токму во најтеатарскиот град на Франција, Авињон. Во оваа верзија на претставата, која траеше четири и пол часа, наместо швајцарските актери и актерки, учествуваа српски театарски уметници, меѓу кои и Светлана Бојковиќ, Тихомир Станиќ, Милан Мариќ, Весна Тривалиќ, Нада Шаргин, Милена Радуловиќ, Марко Грабеж, режисерите Никита Миливоевиќ и Анѓелка Николиќ, кореографот Игор Коруга, драматургот Небојша Ромчевиќ и други, а претставата беше во драматуршка обработка на Серван Декл и во режија на Мило Рау. Трогателна, длабоко импактна, оваа претстава говори за човековата бестијалност и неверојатниот порив за родово понижување.

Четирите часа на оваа судска сага за духовната измама на човекот кон човекот измами многу солзи и отвори многу наши болки, но не и неверби. Се чини дека, гледајќи ја претставата и обидувајќи се да си ја протолкуваме во себе, согледувајќи ги непристојните тајни и недораснатите потези на денешниот homo dysfunctus, се присетуваме на нашите визии за крајот на светот и неповратноста на емпатијата и љубовта. Следните три дена овој „неБитеф“ ни донесе многу дебати, кои се одвиваа на просторите на магацинот на „Марко Крале“ и Центарот за културна деконтаминација, каде што по презентацијата на проектите од младите српски театарски уметници Ана Јанковиќ („Самоубиството како социјален факт“), Андреа Каргачин („Кој ќе зашива градници“), Александар Заин („Тензија“) и Акционен одбор („Општество на спектакли: диверзии на самоуправувањето“) се разви мошне интересен разговор со уметниците околу статусот на независните уметници и, секако, нивниот јавен третман, кој го водеа Ана Вујановиќ и Милена Богавац, а во кој учествуваа и публиката и гостите на фестивалот.
Ромео Кастелучи, еден од најинтригантните италијански режисери, со голема поддршка на „неБитеф“, ја испрати снимката од својата најнова претстава „Братија“, посветена на полициската бруталност, претстава во која овој особено интересен режисер низ својот препознатлив, симболистички јазик говори за нелогичноста на полициската бруталност, за нејзината историска детерминираност, но и за политичките глазури што дозволуваат таа де не биде видлива, препознатлива и казнувана. Истата вечер, по претставата, се одвиваше мошне интересна дебата за можноста за опстојување на прогресивната уметност во репресивниот свет, под наслов „Правда и/или казнување на аболистичката иднина“. Таа вечер во просторот „Кармакома“ во Белград се случи еден особено интересен концерт/изложба на колективот „Заборавени работнички борби“, составен од декоратерите, реквизитерите и другите претставници од техничкиот сектор на театарот „Фолксбуне“ од Источен Берлин, на кој му се придружи панк-бендот „Пинк вондер“, како и бендовите „Го убија батлерот“ и „Анима“.
Последниот ден од фестивалот беше посветен на исклучително важната тричасовна дебата под наслов „Уметност: повлекување како/и отпор“, на која се зборуваше за виталните прашања на „Битеф“, фестивалот од особено значење не само за Србија туку и за целиот свет, за тоа кои се методите на понатамошното дејствување, затоа што, како што проговорив погоре, во 2026 година треба да се случи шеесеттото издание на „Битеф“, фестивал на театарот без граници, фестивал што со своето присуство го почестиле големи имиња, како што се Семјуел Бекет, Ежен Јонеско, Жан Пол Сартр, Лоренс Оливие, Јежи Гротовски, Питер Брук, Роберт Вилсон, Јозеф Шајна, Питер Штајн, Џудит Малина, Бено Бесон, Јан Фабр итн.
Дали молкот би значел погребна церемонија или можеби би бил неопходен некој нов крик за нов фестивал, затоа што големи театарски уметници сè уште има, театарот е големо поле на истражување, а политиката секогаш се повлекува пред уметноста и хуманоста. Можеби сето ова е некаква утопија, но секоја утопија е базирана врз опипливата реалност, а „Битеф“ е фестивал што преживеал многу лоши денови во Србија, па да се надеваме дека ќе ја преживее и оваа криза. Она што е сјајно во целата оваа приказна, која со својата едноставност потсетуваше на едно театарски многу плодоносно време за „Битеф“, е тоа што организаторите го направија тоа толку потребно театарско врзно ткиво со времето и местото, кое уште еднаш покажа дека времето тече и за царот и за питачот, но времето може да биде и наш многу голем соработник. Затоа, да се надеваме дека следниот, шеесетти „Битеф“ ќе блесне со целиот свој сјај и врз пепелта на политичкото буниште на недоразбирањата ќе се развие еден феникс чиј крик нема да биде крик на болка, туку крик на нови театарски освојувања.
Сашо Огненовски
































