Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе отпатува во Давос само доколку таму се подготвени за потпишување документите за безбедносните гаранции со Соединетите Американски Држави и планот за просперитет на Украина.

Зеленски, кој се очекуваше денеска да присуствува на Светскиот економски форум во Давос, соопшти дека останал во Киев за да помогне во справувањето со последиците од масивните руски воздушни напади во текот на ноќта. Нападите предизвикаа сериозни оштетувања на инфраструктурата, оставајќи околу половина од станбените згради во главниот град без парно греење.

Во изјава за новинарите преку платформата „WhatsApp“, украинскиот лидер ги појасни своите приоритети во моментов.

– Се разбира, во овој случај ја избрав Украина, а не економскиот форум, но сè може да се промени во секој момент. За Украинците е многу важно да се стави крај на оваа војна и затоа моето присуство зависи од конкретните чекори кон тоа – нагласи украинскиот претседател.

Иако неговото учество на форумот останува неизвесно и зависи од подготвеноста на клучните документи со Вашингтон, Зеленски нагласи дека неговиот фокус останува на заштитата на граѓаните и стабилизацијата на состојбата во земјата по најновиот бран руски гранатирања.