Техно
„Епл“ и „Гугл“ склучија повеќегодишен договор, според кој следната генерација на Епл фоундејшн моделс ќе биде базирана на моделите Џемини и технологијата на облак на „Гугл“, се наведува во дел од краткото соопштение за медиумите со кое се објавува договорот. Овие модели ќе помогнат во развојот на идните функции на Епл интелиџенс, вклучувајќи го и поперсонализираниот Сири, кој ќе пристигне во текот на годинава.
Иако не се објавени премногу детали официјално, „Блумберг“ минатата година напиша дека „Епл“ ќе плати околу 1 милијарда долари за да може да го користи моделот Џемини со 1,2 трилиони параметри. Од новото соопштение дознаваме дека компанијата ќе се потпира не на еден, туку на неколку модели Џемини. Причините за тоа се чисто економски. Некои апликации, потребни за решавање посложени задачи и проблеми, користат модели што бараат повеќе енергија. Поедноставните барања се пренасочуваат кон „полесни“ алгоритми, кои трошат помалку ресурси и хардвер. На тој начин трошоците за инфраструктура се намалуваат. На пример, користењето на најмоќниот модел Џемини 3 про чини четири пати повеќе од основниот модел Флеш. „Епл“ додава дека ќе се потпира на технологијата на облак на „Гугл“.
За разлика од другите големи американски технолошки компании, како што се „Мајкрософт“, „Гугл“, „Мета“ и „Оракл“, „Епл“ не можеше да ѝсе придружи на револуцијата на вештачката интелигенција како рамноправен во последните години. Сепак, за разлика од „Мета“, која постојано се обидува да го пронајде вистинскиот пат, „Епл“ се чини дека избира поправен пат. Во овој случај се потпира на докажана технологија.

































