Фото: МИА

Речиси тричасовната лидерска средба во Клубот на пратениците, иницирана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев ја оцени како „изненадувачки, за прв пат конструктивна“ посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, јуни да се донесе нов Изборен законик, иако за економските теми, како минималната плата рече дека не наишле на разбирање.

-Се дискутираше за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието со некои од министрите во Влада – појасни Апасиев.

На средбата, посочи тој, било разговарано за укинување на техничката Влада во две варијанти – или веднаш или за не наредни, туку по наредни парламентарни избори, зависно од СДСМ.

Последната политичка тема на која било разговарано, како што рече Апасиев, бил Обдусманот, за кој Левица предлага соломонско решение.

-Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта, ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам и сметаме дека ова е уставна категорија треба да и припадне на ромската заедница – изјави Апасиев.

Од економските теми, Апасиев рече дека Левица ги наметнала минималната плата, која, како што рече, цениме дека е оправдано барање на работниците и на синдикатите, како и за апанажа и патните трошоци на пратениците и јавните функционери.

– И за овие две теми не наидовме на разбирање иако имаше различни варијанти коишто се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи – изјави Апасиев.

Како прашање кое го отворила Левица, Апасиев рече дека се разговарало за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но за кое, како што нагласи, немало слух.

Прашан зошто не најдено решение, Апасиев, појасни дека имало разни објаснувања, дел дека тој бил приватен, не јавен објект како што е во модуларната болница во Тетово, и другиот дел е дека веќе има проекти коишто се доволни за самиот град.

-Ние сметаме дека тоа е недоволно се уште, ќе инсистираме и понатаму. Но, ова е сензитивна тема и затоа не толку ја инсистиравме зависно од приликите, бидејќи средбата помина навистина  би кажал, конструктивна атмосфера што за мене изненадувачки – изјави Апасиев.