Знаменитостите за Македонија
- Демир Хисар и исчезнатата мрежа на анови: од османлискиот Железник до современиот град – патна култура, стопански јазли и социјални средби меѓу оскудната архивска граѓа и богатото усно паметење
Кога денес се зборува за ановите во Демир Хисар и неговата околина, најчесто се мешаат поимите град, село и област. Затоа, за правилно разбирање на оваа речиси исчезната патна и стопанска култура, неопходно е најпрво да се направи јасна историска разграниченост. Демир Хисар како градска населба постои, приближно, од 1945 година, додека во османлискиот период под името Демир Хисар се спомнува селото Демир Хисар – денешно Железнец, а истовремено и пошироката област позната како Железник. Оттука, ановите од постариот период не може да се лоцираат во рамките на денешниот град, туку по должината на главните патни правци што ја пресекувале котлината. Во османлиско време, ановите не се подигале во мали села без пазарна функција, туку на места каде што патот бил жив – на крстосници, приоди, превои и подолги патни делници. Тие биле неопходни станици за трговци, патници, курири и сточари, обезбедувајќи преноќување, храна, засолниште и згрижување на коњи и волови. Во таа смисла, областа Демир Хисар, како дел од важните комуникации меѓу Битола, Кичево и Дебар, неминовно имала развиена мрежа на анови.
Мургашевскиот ан: Од изворен назив до народна традиција
Особено значајна улога во оваа мрежа имало селото Мургашево, кое во 19 и почетокот на 20 век било важна точка на патниот правец низ Железник. Во негова близина постоел патен ан со изразена стопанска функција, со пондили за коњи и волови, простор за потковување, како и трем за гости и преноќување. Називот под кој денес најчесто се препознава – Трумановски ан – не е изворен, туку е производ на подоцнежни животни и сопственички околности. Во постарите кажувања и во логиката на сопственичката историја, објектот бил познат како Мургашевски ан, назив што упатува и на месноста и на семејството што подолг период стопанисувало со него. Промената настапува во 1933 година, кога дотогашниот сопственик Ваит, подготвувајќи се за преселба во Битола, најпрво му го нуди имотот на својот прв комшија.
По наговор на својот близок пријател Мето Сулејмановски, а со негова значајна финансиска поддршка, Трајан Труман пристапува кон откуп на дел од имотот, меѓу кој и самиот ан. Со преселбата на Трајан Труман од селото Велмевци и неговото трајно населување во непосредна близина на анот, објектот постепено влегува во народното паметење врзан за неговото име. Така, без формален акт, но со силата на секојдневната употреба и усната традиција, Мургашевскиот ан станува Трумановски. Затоа, од историски и похроничарски аспект, оправдано е да се прави разлика меѓу изворниот и подоцнежниот, народен назив.

Мраморичкиот ан: Усно предание и историски траги
Посебно место меѓу ановите во областа Демир Хисар зазема Мраморичкиот ан, лоциран пред влезот во котлината, на патниот правец што водел кон Битола. За разлика од Мургашевскиот ан, за овој објект располагањето со сигурни сопственички податоци е ограничено, а најголем дел од сознанијата потекнува од усната традиција и локалното паметење.
Во тие раскажувања се среќава и името Насте Огненовски, за кого се вели дека извесен период бил поврзан со функционирањето на анот, најверојатно како анџија или управител. Сепак, за ваквата улога засега не постојат потврдени пишани извори, поради што името треба да се разгледува во рамките на усното предание, а не како сигурен сопственички податок. И покрај тоа, описите на анот се доследни: станувало збор за добро организиран и функционално развиен објект, со пондили за коњи и волови, плевна и стогови за сено, како и кујна, трпезарија и неколку соби за ноќевање. Ова упатува дека Мраморичкиот ан имал значајна улога како патна станица пред влезот во Демирхисарската Котлина. Ова може да има дополнителна логична поврзаност и со постоењето на т.н. Ревир кај Мраморица, сега во сопственост на Република Македонија, дека бил некогашниот вакавски простор на Мраморичкиот ан.
Сенките на исчезнатите анови: Сведоштва од Белица до Жван
Покрај овие два ана, усната традиција и локалните записи упатуваат на постоење уште на неколку објекти распоредени по должината на главните патни правци: кај Белица, Сладуево, Сопотница, Жван и на други места каде што патот диктирал потреба од одмор и преноќување. Некои од нив биле познати како „долни“ или „горни“ анови, што упатува на нивната положба во однос на патот или селската територија. Иако денес најчесто без видливи остатоци, нивното спомнување сведочи за густината и значењето на некогашната патна мрежа.

познат сопственик на анските простории по неговото преселување од Мургашево во Битола
Последниот ан на Демир Хисар – исчезнат сведок на патната култура
Покрај патните анови од постариот период, постојат и силни факти за постоење на поголем ан од подоцнежна фаза во рамките на денешниот град Демир Хисар. Според лични спомени и локалното паметење, на местото на сегашниот хотел „Младост“ постоело големо градежно здание, кое по својата големина, распоред и функција и по сеќавањата на повозрасните демирхисарци одговарало на типологијата на ан. Со неговото уривање, исчезна уште еден важен сведок на стопанската и патната историја на градот. Во периодот од последните години додека постоеше, овој објект (подрум, кат и потпокрив) беше во постојана функција – женска фризерница, простории-соблекувални на ФК Демир Хисар и други магацински простории.
Како сеќавањето ја чува историјата на ановите
Историјата на ановите во областа Демир Хисар опстојува меѓу оскудната архивска граѓа и богатото локално паметење. Токму затоа, фотографиите, усните сведоштва и личните спомени остануваат клучни за реконструкција на оваа одамна исчезната патна култура. Ановите не биле само објекти од камен и дрво – тие биле јазли на движење, средби и живот, без кои не може целосно да се разбере минатото на Железник и на денешниот Демир Хисар.
Анови што ја раскажуваат историјата на Демир Хисар
Мургашевски ан (подоцна Трумановски ан): Патен ан лоциран во близината на селото Мургашево, на правецот Битола–Кичево–Дебар. Првично познат како Мургашевски ан, а подоцна во народната меморија именуван како Трумановски ан, по Трајан Блажевски Труман, кој од Велмевци се населил во негова близина. Служел за преноќување на патници, сместување и за потковување коњи и одмор на запреги.
Мраморички ан: Се наоѓал на влезот во Демирхисарската Котлина, кај месноста Мраморица. Посебно значаен по тоа што е познат на анџијата Насте Огненовски. Бил добро опремен: пондили за коњи и волови, плевна и стогови, кујна, трпезарија и соби за ноќевање. Претставувал важна патна станица пред влезот во областа Железник.
Ан кај Бели Мост (Темелковски ан / Лисојалски ан): Патен ан лоциран кај месноста Бели Мост, познат и како Темелковски или Лисојалски ан. Се наоѓал на периферијата меѓу битолскиот и демирхисарскиот крај и служел како преодна станица за патниците.
Сладуевски ан: Се наоѓал во близината на селото Сладуево, покрај стар патен правец. Имал улога на локален патен ан за патници и сточари.
Сопотнички ан: Ан поврзан со селото Сопотница, на патниот правец низ источниот дел на котлината. Служел како привремено засолниште и станица за одмор.
Жвански анови (два): Во реонот на селото Жван постоеле два ана, што укажува на засилен сообраќај и стратешка положба на патниот правец низ овој дел на Железник.
Ан во денешниот град Демир Хисар (локација: хотел „Младост“): Поголем ан од подоцнежен период, за кој постојат силни локални сеќавања и фотографии дека се наоѓал на местото на денешниот хотел „Младост“. Објектот беше урнат при изградбата на хотелот и претставува изгубен, но значаен сегмент од стопанската историја на градот.
Автор: Благоја Шундовски, новинар, поранешен уредник и директор на Радио Демир Хисар
































