ЕП 2025 ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ ЗА ЖЕНИ
Холанѓанката Елин Роберс (2.413 рејтинг-поени) во брз шах и Грузијката Нино Бацијашвили (2.396) во забрзан шах се нови европски шампионки за 2025 година, по триумфите на Европското првенство (ЕП) од 8 до 11 јануари годинава во Монте Карло (Монако). Изданието за 2025 година постави нов рекорд за учество, со 154 шахистки од 32 федерации регистрирани за настанот во забрзан и 145 шахистки во брз шах, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
ЕП во брз шах, во 13 кола (се играше со темпо три минути, плус две секунди по секој потег), беше неизвесно до крајот. ВМ Бела Хотенашвили (2.285) од Грузија го презеде водството по седмото коло и влезе во финишот со 10 поени од 12 кола, еден повеќе од ИМ Оливија Киолбаса (Полска), Јулија Осмак (Украина) и од Роберс. Првопласираната Роберс беше на висина на задачата, победувајќи ја водечката во нивната директна партија и обезбедувајќи ја титулата. Киолбаса ја освои бронзата.
И ЕП во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди), по 11 кола, имаше драматична завршница. ВМ од Швајцарија, Александра Костењук (2.436), беше прва по седмото коло и таму остана до претпоследното. Во последното коло играше со Бацијашвили, која заостануваше еден поен. Бацијашвили одигра брилијантно, освојувајќи го златото со девет поени. Костењук е втора со ист резултат, но освои сребро, откако го загуби меѓусебниот дуел со победничката. Шест шахистки се изедначија на третото место со по осум поени, а ИМ од Грузија, Софио Гветадзе (2.160), ја освои бронзата врз основа на супериорниот тајбрејк, пишува ФИДЕ. Г.И.
































