Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска беа избрани за членки на Судскиот совет.

Пратениците во Собранието на денешната седница ги изгласаа двата предлога на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која во образложението истакна дека при изборот на кандидатките се водела од нивната стручност, компетентност, како и од професионалниот и личниот кредибилитет.

Претседателката Силјановска – Давкова нагласи дека реформите во правосудството треба да ги предводат личности кои се препознатливи и докажани во својата област.

Силјановска-Давкова посочи дека двете кандидатки не ги предложила затоа што се жени, туку пред сè поради нивната стручност и компетентност. Според неа, регрутирањето лица посветени на правото, стручни и компетентни во областа, ќе придонесе за воспоставување исти критериуми и при изборот на судиите, зголемување на нивната одговорност, како и за добивање аргументирани извештаи од Судскиот совет со конкретни предлози за надминување на проблемите во правосудството, што ќе значи исчекор во реформите.

Во рамки на денешната седница, пратениците во прво читање ги усвоија и предлозите на закони за престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување, за изменување и дополнување на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување, Законот за системот за проценка на лица со попреченост, како и Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем од Банката за развој при Советот на Европа за дополнително финансирање на проектот за изградба на фискултурни сали.

Во тек е расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.