РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ВТОРА, БЕЗ ПОРАЗ, НА ТУРНИРОТ ВО ШВАЈЦАРИЈА ПРЕД ЕП 2026
- Македонија го освои второто место на меѓународниот турнир „Жолт куп“ во Швајцарија, а признанието за најкорисен играч (МВП) на турнирот го освои македонскиот капитен Филип Кузмановски
Машката репрезентација на Македонија го освои второто место на меѓународниот турнир „Жолт куп“, кој се одржа во швајцарскиот град Винтертур, без пораз, откако во третиот меч одигра нерешено 29-29 со домаќинот. Првото место по 10-ти пат на овој куп ѝ припадна на Швајцарија поради подобрата гол-разлика (плус 14 гола), а Македонија е втора (плус девет гола), иако и двете селекции забележаа по две победи и едно реми. Трета е Украина, откако славеше на дуелот со Бахреин, кој е четврти.
Победничкиот трофеј замина во рацете на Швајцарија, а признанието за најкорисен играч (МВП) на турнирот го освои македонскиот капитен Филип Кузмановски, кој постигна вкупно 17 погодоци. Турнирот за Македонија беше подготвителен пред настапот на Европското првенство (ЕП) од петок во Данска, Норвешка и во Шведска.
– Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи за борбеноста на овој турнир, мислам дека тие се најзаслужни за мојата награда. Нашите цели што ги замисливме пред почетокот на турнирот ги исполнивме. Формата ни расте, а имаме доволно време да се подготвиме за тоа што нѐ очекува на Европското првенство. Некои детали ќе треба да се поправат пред почетокот на шампионатот. Се обидовме со некои формации во одбраната, имаме и некои новитети како ќе им парираме на противниците, ама клучна треба да ни биде одбраната. Треба да бидеме борбени, да играме еден за друг како што одигравме во второто полувреме против Украина и против Швајцарија. Наш адут треба да бидат нападите од полуконтра, оваа репрезентација треба да трча. Mислам дека сме максимално подготвени и ќе одговориме на предизвикот што следува – изјави Кузмановски.
Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров на „Жолтиот куп“ ги совладаа Бахреин со 32-28 и Украина со 31-26, а Швајцарците беа подобри од Бахреин со 33-30, а од Украина со 38-27. Како споредба, Македонија на турнирот постигна вкупно 92 гола, или во просек по 30,6 по натпревар, и прими вкупно 83, или 27,6 во просек по меч, а Швајцарија постигна 100 гола (33,3) и прими 86 (28,6). Швајцарците пет пати биле дел од ЕП, со најдобар пласман на 12. место, а на претходното ЕП, во Германија, во 2024 година, беа 21. меѓу 24 селекции. Нивното патување на ЕП почнува со мечот со Фарските Острови в петок, а потоа се дуелите со Словенија (18 јануари) и со Црна Гора (20 јануари) во групата Д, а целта е да се пласираат во главната рунда, пишува на официјалната страница на Ракометната федерација на Швајцарија. Украина, која досега настапила на седум ЕП, а најдобар пласман е 11. место на ЕП 2002, на ЕП 2026 е во групата Ц, со Норвешка, Франција и со Чешка.
На турнирот во Винтертур посебно беше неизвесен и драматичен третиот дуел, со Швајцарија, откако домаќинот првиот дел го доби со пет гола разлика (18-13), сепак црвено-жолтите со храбра и пожртвувана игра се вратија во натпреварот, за на 15 секунди пред крајот средниот бек Марко Митев да ја затресе мрежата за реми 28-28. Токму Митев беше и најефикасен во македонските редови со седум гола, по три постигнаа Жарко Пешевски, Мартин Серафимов и Ненад Костески, а двата голмана има вкупно 12 одбрани, од кои Никола Митревски седум, а Мартин Томовски пет.
Според планот, вчера македонските ракометари требаше да отпатуваат за Данска. Црвено-жолтите се во групата Б, а ЕП 2026 го почнуваат во данскиот град Хернинг, со натпревар со актуелниот олимписки и светски првак, Данска, в петок (од 20.30 часот), два дена подоцна е дуелот со Португалија (од 18 ч.), а на 20 јануари е третиот меч, со Романија (18 ч.). Титулата од пред две години на ЕП одржано во Германија ќе ја брани Франција, тогаш втора беше Данска, а трета Шведска. Г.И.
































