ЕХФ
- Европската ракометна федерација (ЕХФ) издвои млади ракометри што нема да бидат маргинални играчи, туку клучни во обликувањето на тоа како ќе играат нивните селекции на 17. ЕП
Вкупно 24 селекции, кои ќе играат за титулата шампион на Европското првенство (ЕП) од четврток во Данска, Шведска и во Норвешка, се составени од ракометари што се желни да ја покажат својата најдобра игра, а меѓу нив има многу гладни млади таленти. Некои од тие се веќе толку добро етаблирани на меѓународната сцена, што е тешко да се поверува во нивните години, други се во репрезентациите со цел да станат редовни играчи и сонуваат за многу повеќе. Европската ракометна федерација (ЕХФ) издвои пет млади ракометри што треба внимателно да се следат. Тие нема да бидат маргинални играчи, туку клучни во обликувањето на тоа како ќе играат нивните селекции на 17. ЕП.
- Франциско Коста, десен бек на Португалија. Едно од најголемите имиња во португалскиот, а и во светскиот ракомет, сѐ уште има само 20 години, Франциско Коста-Кико го имаше своето деби на голем турнир на ЕП 2024, каде што постигна 30 гола и беше втор стрелец за Португалија, зад својот брат Мартим, кој беше најдобар стрелец на тоа ЕП заедно со Матијас Гидсел. Тој беше лидер, оти Португалија постигна историски резултат со 4. место на Светското првенство (СП) лани, што беше нивното прво полуфинале на кое било првенство. Таму Коста беше и најдобар стрелец на Португалија и член на олстар-тимот, именуван за најдобар млад играч на настанот. Тој дебитира за Португалија на 17 години, во 2022-та, кога беше најдобар стрелец и олстар десен бек на ЕП до 20 години, откако беше олстар десно крило на ЕП до 19 години. На клупско ниво, Коста е четвртиот најдобар стрелец во тековната сезона на Лигата на шампионите (ЛШ) со 70 гола за Спортинг, бројка што ја достигна во четири сезони во низа во ЛШ или Европската лига (ЕЛ).
- Оли Митун, среден бек на Фарските Острови. Уште еден 20-годишник што игра клучна улога како лидер на бековската линија и е подготвен да го игра своето второ ЕП, е Оли Митун, кој е еден од мозоците на нападот на Фарските Острови. Вториот голем турнир на Митун доаѓа во неговата дебитантска сезона во ЛШ, во која игра за дански ГОГ, клуб познат како производител на таленти и кој развил играчи како Матијас Гидсел, Микел Хансен и Симон Питлик, меѓу многуте други. Митун беше невозможно да се игнорира од моментот кога почна да се појавува во натпреварите во помлада категорија, оти беше најдобар стрелец на секој турнир на кој играше, ЕП до 18 години (во 2022 г.), СП до 19 години (2023), ЕП до 20 години (2024) и СП до 21 година (2025). Беше МВП на младинските СП 2025 и ЕП 2022, плус олстар централен бек на СП 2023 за младинци. Но, најважното достигнување во тие мечеви беше првиот медал на Фарски Острови на такво ниво, бронза на СП за јуниори, а Митун беше клучната фигура. Пред да му се приклучи на ГОГ, Митун двапати беше олстар централен бек во шведската лига и еднаш најдобар стрелец во сезоната, а сето тоа додека беше тинејџер.
- Никола Рогановиќ, лев бек на Шведска. Никола Рогановиќ (19) е дебитант на вакво големо натпреварување, но и дебитант во шведската репрезентација, и токму затоа надежите се големи за талентираниот лев бек, кој многу импресионира во натпреварите на младинско и на клупско ниво. Тој привлече внимание како МВП на ЕП до 18 години во 2024 година, каде што Шведска ја освои титулата, а потоа следуваше место во олстар-тимот на СП за младинци лани, каде што Шведска беше четврта. Во своите први меѓународни клупски натпревари, квалификациската рунда на Европската лига, Рогановиќ постигна 13 гола во два меча за Малме. Тој треба да му се приклучи на Гумерсбах во сезоната 2026/2027. Рогановиќ е на самиот почеток од своето репрезентативно патување со помалку од 10 одиграни дуели досега, но тој е дефинитивно еден од оние што треба да се следат, покрај наградите што докажуваат дека е извонреден, врз основа и на неговата статистика во други натпреварувања, а не само што редовно се рангира меѓу најдобрите играчи по голови и асистенции туку и во други области, како што е изнудувањето исклучувања за ривалите.
- Марко Гргиќ, лев бек на Германија. Марко Гргиќ (22) е претставен на оваа листа пред другите потенцијални избори од германската репрезентација водена од силно јадро на млади играчи, оти е малку помлад од оние како што се Нилс Лихтлајн, најкорисен играч на СП за јуниори во 2023 година, и Ренарс Усцинс, најдобар млад играч на годината во ИХФ за 2024 година. Но, мора да се напомене дека Германија главно се потпира на млади играчи, кои докажуваат дека обновата не мора да трае долго, тие се повеќе од подготвени за задачата да се натпреваруваат со најдобрите, па така е и сега. ЕП 2026 ќе го означи дебито на Гргиќ на ЕП, иако тоа е неговиот трет голем турнир. Тој првпат се појави за Германија во мај 2024 година, а потоа беше дел од тимот што стигна до финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година, а го обезбеди шестото место на СП 2025. Брзо се интегрира како основен играч за Германија поради неговиот исклучителен потенцијал. До СП тој стана еден од водечките стрелци на тимот со 21 гол. До ноември лани тој постигна 88 гола во 29 меча за Германија. Сезоната 2025/2026, исто така, го означува пробивот на Гргиќ на клупско ниво, оти се пресели од Ајзенах во Фленсбург. Таму игра во Европската лига, постигна 37 гола на шест меча. Но, тој импресионира уште повеќе во Бундеслигата, каде што е шести стрелец со 115 погодока.
l Јан Баруфет, лево крило на Шпанија. Околу една година откако дебитира за шпанската репрезентација, Јан Баруфет (21) е подготвен за својот втор голем турнир и прво ЕП. Изграден е во Барселона, високото лево крило чиј период на заем во Мелсунген за сезоната 2024/2025 заврши како сезона на пробив, Баруфет влегува на ЕП 2026 со малку помалку од 20 настапи за Шпанија. Во сезоната 2025/2026, Баруфет се враќа во Барселона и ја ужива својата прва сезона како главен играч на тимот. Тоа доаѓа откако беше најдобар стрелец во Европската лига во минатата сезона со 90 гола, а Мелсунген беше четврти. Неговиот настап беше доволен да му ја донесе наградата за дебитант на сезоната. Баруфет беше дел од исклучителната генерација на шпанскиот младински состав, освојувајќи три титули во низа, на ЕП до 18 години (во 2022 г.), СП до 20 години (2023) и на ЕП до 20 години (2024). Како и тројца од другите на оваа листа, Коста, Рогановиќ, Гргиќ, и Баруфет е син на поранешен ракометар. Но Баруфет создава сосема нова репутација за името, играјќи на многу различна позиција од неговиот татко, кој е познат како еден од најдобрите голмани на сите времиња, пишува ЕХФ. Г.И.
































