„На ти со Ерос и Танатос“ е поетска книга на Виолета Танчева-Златева, која излезе од печат, во издание на издавачкиот центар „Три“ и стана финалист за наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“.
Ова е шеснаесетта книга, а десетта поетска збирка на авторката. Од нив особено се издвојуваат „Година без лето“, која беше наградена со „Браќа Миладиновци“ во 2015 година; „Патот“, која ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, како и „Глуво време“, со која се запиша во списокот добитници на „Антев златник“ на манифестацијата „Антево перо“. „На ти со Ерос и Танатос“ се издвојува по својата зрелост и експерименталност во жанрот, што ни покажува дека тие две нешта не се секогаш обратнопропорционални.
– Овој пат поезијата на Танчева се доживува како сведоштво на длабоко проживеано искуство проектирано во прочистен поетски дух. Лирскиот наратив диспонира постојани вибрации од доживувања до мислења, од пофалбите на еротското и телесното до меланхолични увиди во состојбите на танатосот, колку катарзично зашто сѐ минува низ болката, толку и исцелително бидејќи останува бледата линија на лузнатa како зарасната рана – пишува македонски поет, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димовски за збирката.
































