Гувернерот на државата Минесота ја стави Националната гарда во состојба на готовност поради страв од немири откако агент на федералната агенција за имиграција (ICE) вчера застрела и уби жена (37) која се обидела да избега со автомобил за време на улична проверка.
Градоначалник на Минеаполис им порача на луѓето од федералната агенција за имиграција: „Изгубете се од овој град, не ве сакаме тука“.
Ситуацијата во Минеаполис, најголемиот град во американската држава Минесота, се заостри откако агент на федералната агенција за имиграција која се занимава со апсење и депортација на нелегални имигранти, застрела и уби 37-годишна жена претходно вчера.
Инцидентот се случил за време на сообраќајната контрола, кога агентите го запреле возилото управувано од убиената жена. На видеото што беше објавено, може да се видат неколку агенти како се приближуваат кон возилото во полна брзина. Во еден момент, жената зад воланот се движи прво наназад, а потоа напред во обид да побегне, но еден од агентите отвора оган и ја убива од блиску.
Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фрај, остро реагираше на овој настан и им рече на агентите на федералната агенција за имиграција на прес-конференција: „Изгубете се од градот и не ве сакаме тука“.
Градоначалникот Џејкоб Фрај ги отфрли тврдењата на агентите на федералната агенција за имиграција дека пукањето било чин на самоодбрана и најави дека ќе инсистира на целосна истрага за инцидентот, објави „Си-eн-eн“.
– Го гледав видеото и тоа покажува хаос на улицата, кој буквално заврши со убиство. Тие веќе се обидуваат да го претстават овој настан како чин на самоодбрана. Тоа беше неодговорна употреба на сила од страна на агент што резултираше со нечија смрт“ -рече Фрај.
Гувернерот на Минесота, Тим Валц, нареди Националната гарда да биде ставена во состојба на готовност поради закана од немири. Гувернерот Валц рече дека со недели предупредува дека постапките на администрацијата на Трамп и Федералната агенција ICE во Минесота претставуваат закана за јавноста, што на крајот се оствари.
Околу 2.000 членови на оваа агенција започнаа голема операција во оваа американска федерална држава за идентификување, апсење и депортирање на нелегални мигранти.
Минеаполис беше и град каде што избувнаа големи немири откако полицаец, за време на интервенцијата, го уби афроамериканецот Џорџ Флојд клекнувајќи на неговиот врат, додека Флојд го молеше да не го прави тоа. На крајот, несреќниот човек почина и избувнаа големи немири.

































