РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026
- Задоволен сум од досегашниот тек на подготовките, имаме позитивна атмосфера. Нѐ очекуваат три тест-натпревари, кои ќе ни послужат за кревање на формата. Мора да создадеме добар колектив, систем што ќе функционира, вели селекторот Лазаров
Македонската машка репрезентација продолжува со подготовките за настап на претстојното 17. Европско првенство, кое од 15 јануари до 1 февруари ќе се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка, во конкуренција на 24 репрезентации. За црвено-жолтите тоа ќе биде деветто учество на ЕП, осмо во низа (најдобриот пласман на европските првенства, Македонија го постигна во 2012 година во Србија, кога беше петта). Селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, е задоволен од досегашниот тек на подготовките, на кои им се приклучи и голманот Мартин Томовски, па сега репрезентацијата е комплетна.
– Задоволен сум од досегашниот тек на подготовките, имаме позитивна атмосфера. Нѐ очекуваат три тест-натпревари, кои ќе ни послужат за кревање на формата, затоа што имаме играчи што имаат помала минутажа во своите клубови. Планираното го остваривме, трениравме многу интензивно, каде што првиот дел го поделивме на два дела, во Скопје и во Хрватска. Имавме идеални услови за тренинг, особено во Хрватска, бидејќи имавме на располагање сала во хотелот и фитнес-центар. Имавме одлична контролна средба, со оглед на интензитетот на тренирање, задоволен сум од натпреварот со Хрватска. Знам дека имаме многу работи за поправање, на што треба да работиме и да обрнеме внимание – вели Лазаров.
Од македонскиот табор велат дека Македонија на ЕП ќе патува со 19 ракометари, но кои ќе бидат тие ќе биде дополнително прецизирано.
– Ни остануваат уште неколку дена пред заминувањето на турнирот во Швајцарија. Од таму одиме во Данска каде што ќе имаме уште три-четири дена до почетокот на Европското првенство. Со оглед на здравствената состојба што ја имавме и ја имаме, треба да бидеме претпазливи и не треба да брзаме со конечниот список со играчи. Треба да поминат уште овие неколку дена, по што ќе одлучиме кои ќе бидат патниците за Данска. Со федерацијата донесовме одлука за Данска да патуваат 19 ракометари – рече Лазаров.
Предводникот на црвено-жолтите смета дека македонската репрезентација мора да создаде силен колектив, оти нема премногу поединци што би можеле сами да го понесат товарот на едно вакво големо натпреварување.
– Ние сме Македонија, мала земја и затоа изборот на играчите можеби е најмал во споредба со другите селекции што ќе настапат на ЕП. Мора да создадеме добар колектив, систем што ќе функционира. Слабостите што ги имаме треба да ги покриеме, а добрите страни да ги искористиме. Се обидуваме да направиме добра хемија, да функционираме како тим и да играме пожртвувано. Ракометарите се во право кога велат дека е чест, светост и гордост да се носи националниот дрес. И ако така се чувствуваат, сигурно дека ќе биде добро – изјави Лазаров.
Македонските ракометари по завршувањето на подготовките во Скопје ги очекува настап на турнир во Винтертур, во Швајцарија (од четврток до сабота), каде што ќе одиграат пријателски дуели со репрезентациите на Бахреин, Украина и на Швајцарија. Македонија го почнува ЕП 2026 во данскиот град Хернинг, со меч со домаќинот Данска, на 16 јануари (20.30 ч.), два дена подоцна е дуелот со Португалија (18 ч.), а на 20 јануари ќе игра со Романија (18 ч.). Титулата од пред две години на ЕП одржано во Германија ќе ја брани Франција, втора беше Данска, а трета Шведска. Г.И.

































