Фото: Архива

Јавното обвинителство издаде наредба за обдукција на телото на двегодишното дете кое почина како последица на повреда здобиена за време на новогодишната ноќ.

– Во однос на починатото двегодишното дете, Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за обдукција на телото – соопштија денеска од Обвинителството.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите  информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента – убиство на турски државјанин со нож, во Скопската чаршија, и случај на тешко повредено двегодишно дете, на, како што рече, засега непознат начин,  кое било во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар-Скопје.

Тошковски посочи дека повредата на детето е од „метален фрагмент кој во тој момент не можел детално да се специфицира“.

– Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста – рече Тошковски.