фото: МВР

Новогодишната ноќ поминала главно мирно, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во изјава за медиумите тој информираше дека се случиле два сериозни инциденти – убиство на турски државјанин со нож, во скопската чаршија, и случај на тешко повредено двегодишно дете, на засега непознат начин,  кое е во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар – Скопје.

Тошковски посочи дека повредата на детето е од „метален фрагмент кој во моментов не може детално да се специфицира“.

– Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста – рече Тошковски.

Во врска со убиениот турски државјанин, тој кажа дека во инцидентот е тешко телесно повредено уште едно лице, и двајцата добиле повреди од остар нож.

– Имаме осомничено лице, во интерес на истрагата не би можел да отворам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број учесници во вчерашниот кривично-правен настан и според информациите што ги имам досега – сите се странски државјани – рече Тошковски.

Министерот соопшти дека во текот на новогодишната ноќ седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства, а едно лице се самоповредило од употреба на огнено оружје (ловна пушка) на територија на СВР Битола.

– Во целокупниот период во текот на вчерашниот ден регистрирани се 31 кривично  дело и 23 сообраќајни незгоди од коишто две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир – изјави Тошковски.

Безбедносната состојба на територијата на целата држава, рече тој, беше стабилна, и за таа цел имаше засилено присуство на полицијата на терен и беа преземени координирани насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба.

Како што рече, бројките покажуваат дека „огромното мнозинство граѓани се однесуваа одговорно и со тоа придонесоа за лична и заедничка безбедност“.

– Зголеменото присуство на полицајци на терен придонесе да имаме мал број на настани на нарушување на јавниот ред и мир, генерално. Им благодарам на сите граѓани кои празнуваа одговорно така како што апелиравме и придонесоа сите заедно да направивме новогодишната ноќ да помине мирно – рече Тошковски и им се заблагодари на сите припадници на полицијата кои биле на работа во текот на ноќта.