Фото: „Нова Македонија“

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска преку видеообраќање на жителите на Португалија и Шпанија им ја честиташе 40-годишнината од членството во ЕУ.

– Пред 40 години, нашето европско семејство беше повторно обединето. Тоа беше момент на радост. Се вративте на вашето вистинско место, во срцето на европското семејство. Во овие 40 години станавме многу посилни заедно – нагласи Фон дер Лајен во пораката до „драгите Португалци и Португалки“.

Таа посочи дека во изминативе 40 години Португалија, „градината засадена крај морето“, целосно се трансформираше, луѓето живеат подолго и заработуваат повеќе, беа изградени нови училишта и болници и беше развиена национална автопатна мрежа, а дополнително земјата го трасираше патот за обновливата енергија во Европа.

– И Европа доби толку многу од Португалија. Како фадо музика, богатата и разновидна гастрономија, вашата единствена изработка на плочки Азулехо. И вашето гостопримство – порача Фон дер Лајен.

Според неа, Португалците го донеле своето знаење за противпожарната заштита во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, и како што пред 500 години беа пионерите кои се осмелија да ги поминат непознатите мориња, така сега се пионери во стартапите и иновациите.

– Какво прекрасно патување споделуваме! Ви посакувам среќна 40-годишнина од членството во ЕУ. Вашето фадо, вашата судбина, се токму тука, во срцето на Европа – додаде Фон дер Лајен

Во честитката до „драгите Шпанци и Шпанки“, Фон дер Лајен нагласи дека со приклучувањето на Шпанија во Европската Унија пред 40 години беше направена пресвртница во европското единство.

– Неодамнешната историја не разделуваше. Потоа избравте демократска иднина и се вративте во вашиот дом, во срцето на Европа. Тоа беше неверојатно патување. Вашата земја се трансформираше. Шпанија сега е економска сила, со втора најнапредна туристичка економија во светот. И пионер во обновливата енергија и одржливиот транспорт – рече Фон дер Лајен,

Таа нагласи дека Шпанија со својата „неверојатна култура и креативност“ ја збогатила Европа и одиграла клучна улога во европската интеграција, поддржувајќи клучни заеднички проекти, како што се заедничката валута еврото или проширувањето.

– Шпанија ѝ помогна на Европа да стане светски лидер во обновливата енергија. Вашите компании работат низ цела Европа. И за возврат, Европа инвестираше во Шпанија, фокусирајќи се на она што е важно за луѓето – рече претседателката на ЕК.

Таа посочи дека ЕУ инвестирала во Шпанија во модернизацијата на транспортната инфраструктура, во изградбата на ултрабрзи станици за полнење електрични возила, нови болници и социјални станови, како и во обезбедувањето широкопојасен интернет за над седум милиони домови.- Каква прекрасна приказна пишуваме заедно! Ви посакувам среќна 40-годишнина од членството во ЕУ, додаде Фон дер Лајен во честитката до Шпанците.

Португалија и Шпанија станаа членки на ЕУ на 1 јануари 1986 година.