Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (9)
- Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме деветтото продолжение
Во приоритетната област Постсредно образование и наука во нацртот (НСО 2026-2032) има цел да се подржи воспоставување систем на стручни студии што ќе води кон поголема усогласеност со пазарот на трудот со европските стандарди и принципите на доживотното учење. Фокусот е на програмите од нивоата VА и VБ, создавање нормативна и институционална рамка и пилотирање на пазарно релевантни програми.
Што претставуваат постсредното образование и обука (ПСОО)
Постсредното образование и обука претставуваат клучен сегмент за развој на квалификувана работна сила и зајакнување на конкурентноста на економијата. Во рамките на Националната рамка на квалификации, кратките стручни студии (ниво VA) и програмите за постсредно образование (ниво VБ) обезбедуваат флексибилни, практично ориентирани патеки за учење, кои одговараат на динамичните потреби на пазарот на трудот и технолошките промени. Овие програми овозможуваат брз пристап до нови професионални можности, подршка на доживотното учење и вертикална проодност кон повисоки степени на образование. Воспоставувањето и модернизацијата на системот за постсредното образование се стратешки приоритет за Република Македонија, со цел интеграција на европските стандарди, дигитални и зелени компетенции и силна соработка со индустријата.
Кратките стручни студии, кои според Националната рамка на квалификации (НРК) се позиционирани на нивото VA (усогласено со нивото 5 на Европската рамка на квалификации – EWF) овозможуваат стекнување специфични, практично применливи знаења и вештини за пократок временски период (обично една-две години, односно 90-120 ЕКТС). Тие претставуваат флексибилен, пазарно ориентиран модел на образование, кој може брзо да се приспособи на технолошките трендови и нови занимања, создавајќи директна врска меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот.
Иако Законот за високото образование предвидува можност за воспоставување кратки стручни студии како дел од системот на високо образование, овие програми сѐ уште не се воспоставени во пракса. Оваа празнина го ограничува капацитетот на системот на високо образование да одговори на брзите технолошки и економски промени и на појавата на нови професии.
Истовремено европските примери (Австрија, Ирска, Германија) покажуваат дека кратките програми може да бидат ефикасен мост меѓу средното и високото образование. Во повеќето европски земји ваквите програми се развиваат во тесна соработка со компаниите и коморите, со што се обезбедуваат силна практична и апликативна компонента и реално вклучување на работодавците во наставата и процесот на оценување.
Нивното воведување во Република Македонија би создало услови за брз пристап до пазарот на трудот, зголемена конкурентност на пазарот на трудот, но и за вертикална проодност кон додипломските програми, што е од суштинско значење за поддршка на доживотното учење и економскиот развој. Поради тоа, постепеното воведување на кратките стручни студии, вклучувајќи целно пилотирање во неколку области, треба да биде меѓу приоритетите на следниот циклус на реформи на образованието во Република Македонија.
Постсредното образование и обука – VБ
Постсредното образование и обука (ПСОО) претставуваат значаен сегмент од системот за стручно образование и обука, со кој се стекнуваат квалификации од нивото VБ според Националната рамка на квалификации (НРК), односно степен 4 според (ISCED 2011- International Standard Clasification of Education, односно МСКОБ 2011 – Меѓународна стандардна класификација на образованието), односно Постсредно образование – специјалистичко образование, но не на високо образование, акумулирано траење од почетокот на МСКОБ-ИСЦЕД ниво 3 – средно образование (повисоко средно образование). Поконкретно, во ПСОО се реализираат програми за дополнителни и продлабочени стручни знаења, вештини и компетенции во однос на претходно стекнатите вештини и компетенции со цел да им се излезе во пресрет на специфични потреби на пазарот на трудот, професионален развој на кандидатите и подобрување на вработливоста/вработеноста. Овој тип образование се реализира преку програми за специјалистичко образование и мајсторски програми во акредитирани установи за постсредно образование и обука.
• Наставните програми се модуларно дизајнирани, базирани се на стандарди за квалификација, обем од 60 до 120 ЕКВЕТ-кредити и со времетраење од шест месеци до две години. Финансирањето се обезбедува преку донаторски средства и партнерства и самофинансирање на кандидатите, бидејќи ПСОО не е задолжително и не се финансира директно од државниот буџет.
Законската рамка е воспоставена – имплементацијата е ограничена
• Постсредното образование на нивото VБ во Македонија е регулирано со повеќе закони и стратешки документи. Основната правна рамка ја поставува Законот за стручно образование и обука, во кој постсредното образование се дефинира како дел од системот за стручно образование и обука насочен кон стекнување квалификации од петто ниво. Законот предвидува постоење на наставни планови, програми и испитни програми за специјалистичко образование и образование за мајстор, реализација на ПСОО во јавни и приватни установи, комори и регионални центри и поголем обем на специјалистичка, односно мајсторска практична обука. Законот за национална рамка за квалификации дополнително го прецизира нивото VБ, кое обезбедува напредни знаења и вештини за извршување сложени задачи во одредена професионална област, без да се стекне академски степен. Овој закон гарантира усогласеност на квалификациите со европските стандарди и овозможува вертикална и хоризонтална проодност. Додека Законот за образование на возрасните и Законот за високо образование се надополнуваат во делот на доживотното учење и можностите за понатамошно образование, Концепцијата за постсредно образование (2025) ја поставува стратегиската насока за развој на флексибилни, кратки и практично ориентирани програми, усогласени со потребите на индустријата и принципите на европските политики за ТВЕТ (Техничко и стручно образование и обука), и е поширок концепт, кој ги опфаќа сите форми на стручно образование и обука – од средно, постсредно, па до делови од високото образование, каде што постои силен практичен фокус. Постсредното стручно образование (ПСО) е дел од системот ТВЕТ и се позиционира над средното образование, но под академското високо образование. Во рамките на европската квалификациска рамка (EQF), тоа најчесто одговара на нивото 5, кое се смета за „кратки циклуси“ или специјализирани програми за конкретни професии. Оваа концепција воведува значајни промени насочени кон модернизација и поголема релевантност на програмите. Таа предвидува флексибилни и кратки програми, модуларно дизајнирани и базирани на стандарди на квалификации, со можност за признавање предходно стекнати знаења и компетенции. Концепцијата е целосно усогласена со НРК, што овозможува транспарентност и проодност кон високото образование и други форми на доживотно учење. Особен акцент се става на практичното учење преку работа, воведување дуален пристап, како и интеграција на дигитални и зелени компетенции во наставните содржини во согласност со европските приоритети за дигитална и зелена транзиција.
• Можноста за вклучување лица со завршено двегодишно и тригодишно стручно образование, како и возрасни лица во ПСОО, обезбедува поголема инклузивност преку можноста за понатамошно учење и развој за стекнување повисока квалификација, која полесно е препознаена и прифатена на пазарот на трудот. Концепцијата предвидува континуирано подобрување и навремено ажурирање на програмите според потребите на индустријата и развој на механизми за валидација на неформално ориентирана и тесно поврзана со пазарот на трудот.
• Стратегијата за паметна специјализација на Република Македонија (2024-2027) ја поставува целта за развој на човечкиот капитал и вештини како клучен предуслов за зелена и дигитална трансформација на економијата. Ваквата цел се фокусира на создавање кадар што ќе одговара на потребите на индустриите со највисок потенцијал за раст на иновации. Стратегијата идентификува четири вертикални приоритетни домени: паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информатички и комуникациски технологии, електромашинска индустрија – индустрија 4.0, и одржливи материјали и паметни згради…
• Квалитетното постсредното образование има клучна улога во намалување на јазот меѓу потребите на пазарот на трудот и вештините на работната сила. Со тоа се овозможува пристап до специјализирани работни места за кои квалификациите не можат да се стекнат преку класичното стручно образование. Учесниците во овој вид образование се стекнуваат со специфични знаења и вештини за работа со нови технологии, за организација или водење на оперативните работи во компаниите и во услужниот сектор, за раководни функции на пониско ниво, за менторство и за специјализирани висококвалитетни услуги.
• Образованието за мајстор е особено значајно, кое обезбедува специјализирани компетенции за занаетчиски и технички професии, директно поврзани со потребите на микрокомпаниите и занаетчиите – сегмент што доминира во економијата на Република Македонија, каде што над 84 отсто од активните претпријатија имаат од еден до девет вработени, а занаетчиството претставува клучен двигател на локалниот развој. Овој модел на образование е стратешки важен за подобрување на конкурентноста, самовработувањето и обезбедувањето квалификувана работна сила за секторите што најбрзо се адаптираат на дигиталната и зелената трансформација.
• Според анализата на УНДП, Извештај од анализата на состојбата на тековниот систем на постсредното образование, и концепцијата на МОН, Концепција за постсредно образование/Vб ниво на квалификации од НРК, постсредното образование треба да обезбеди флексибилни, кратки и практично ориентирани програми, насочени кон стекнување квалификации од нивото 5 според македонската рамка на квалификации, кое е клучно за подобрување на релевантноста на програмите и нивната усогласеност со потребите на индустријата.
Во контекст на европските стандарди и принципите на доживотно учење, ПСОО во Република Македонија се наоѓа во процес на трансформација. Иако, како што наведов, законската рамка е воспоставена, имплементацијата е ограничена.
Што недостасува:
• Акредитирани установи, соодветно опремени простории и обучен наставен кадар што комбинира теоретски знаења и практично искуство. Речиси секое училиште за СОО има можност да нуди програми за ПСОО, а една од клучните функции на седумте регионални центри за развој на стручно образование е токму обезбедување ПСОО.
• Соработката со приватниот сектор е слаба, што резултира со програми што не се доволно релевантни за реалните потреби на индустријата. Работодавците ретко се вклучени во дизајнот и имплементацијата на програмите, а недоволната промоција на ПСОО како вредна алтернатива на академското образование влијае врз мотивацијата и запишувањето.
• Недостасуваат детални статистички податоци за бројот на ученици, успешноста на програмите и нивната поврзаност со вработување, што ги отежнува планирањето и креирањето политики базирани на податоци. Така што нема посебна табела за постсредно образование како категорија. Податоците се групирани за основно, средно и високо образование. Во базата MakStat(PxWeb) има индикатори за запишани ученици и студенти, но категоријата „постсредно“ не е експлицитно издвоена – најблиску се податоците за високи стручни школи (кои во македонскиот систем се сметаат за дел од постсредното/стручно ниво VБ). Според последните податоци-соопштенија за академската 2023/2024 година, во високите стручни школи и факултети се запишани 52.316 студенти, но не е наведено колку од нив се во стручни школи (постсредно ниво). Од податоците што ги објавува МОН за бројот на запишани ученици во постсредно образование во средните стручни училишта, таа бројка за учебната 2024/2025 изнесува 218.
За да се постигне напредок во Република Македонија, потребни се јакнење на координацијата меѓу институциите, работодавците и донаторите, развој на механизми за акредитација и контрола на квалитет и промоција на ПСОО како флексибилна и практично ориентирана опција за градење кариера.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува
































