Естетиката како п(р)ојава на етиката?!

Уметноста мора да е естетска, ама и не мора да е етичка, така често велат луѓе поврзани со уметноста, во уметничките кругови, како и самите уметници и катедри… Не знам откога датира ваквото тврдење (не е ново), со кое јас не се согласувам во целост. Најверојатно потекнува од некои, би рекол, површни претстави за уметноста и од непознавањето на природата на естетиката, но првенствено на етиката. Имплицитно се тргнува од претпоставката дека нешто може да биде естетско, иако не е етичко, врз основа на тоа што за уметноста се вели дека урива, го руши стариот свет или старото и гради ново; понатаму се вели дека во некои уметнички дела има некаква мрачна убавина, т.е. настојува да нагласи дека е убаво, ама лошо (а лошото не е етичко); и секако во овие ставови има некоја вистина, уметноста навистина низ историјата и денес сѐ уште доведува во прашање некои востановени општествени норми, ама не знам зошто тоа се сфаќа како да не е етичко, напротив. Можеби поради тоа што подрива некои дотраени општествени норми и форми, проследена со чувството на бунтовност и на вина, па новото наспроти традиционално се сфаќа како неетичко.
Проблемот е дека во основа погрешно се сфаќа етиката како нешто кодифицирано, како норма, и како таква се сфаќа како чувар на моралните норми, на традиционални вредности итн. Но во суштина етиката е практична, значи не е ниту чувар на старото ниту противник, туку го избира најдоброто за човекот или, поточно, етиката ја сфаќам повеќе како виталистичка отколку како нормативна. Етиката не е морализаторска (пејоративно), ниту е ограничувачка. Етиката го избира најдоброто за човекот, па иако некогаш дејствува ограничувачки, тоа е сепак за доброто на човекот. Или за повисокото добро на човекот. Уште во стари времиња се велело дека човекот е единственото суштество што може да излезе надвор од себе и кое може да биде разорено и од неумереноста во задоволството. Во контекст на ова треба да се види ограничувачкото во етиката. Или кога станува збор за лошото, не се потребни многу објаснувања. Знаеме дека не е добро и правењето лошо во име на добро, било кога станува збор за наше добро или за колектив. И тука етиката дејствува нормативно.
За целосно свесен човек, нешто што ретко се достигнува, не се потребни правила. Таквиот човек знае дека неговата добробит или развој не може да се постигне со лоши дела.
Така, да се вратам на односот на етиката и естетиката. Во уметноста ако има какво било рушење на општествените норми, тоа се прави за доброто на човекот. Всушност тоа е етичкото, за доброто и напредокот и развојот на човекот. Развојот на човекот не може да се постигне со неетички постапки. Уметничкото „рушење“ не е слепо и лошо, иако некогаш е потсвесно. Тоа не е „невреме“ што бесцелно руши сѐ пред себе. Ниту чист нихилизам или крај на светот. Уметничкото рушење е на норми што се веќе неадекватни за човекот, целта е да ги ослободи човекот и неговите потенцијали, т.е. за добро на човекот.
Значи уметноста е етичка во суштина, а и како би можела да не биде кога по природа е духовна. И јасно е дека не може да биде естетска, а да не биде етичка. Впрочем, само таквата уметност што е етичка може да биде естетска.
Естетското и етичкото (изгледа како и други зборови слични по звучност) се поврзани и нераздвојни – односно целта на овој текст беше да покаже дека естетското не само што не може да го има без етичкото туку, всушност, е етичко (бидејќи ако не е етичко, тогаш станува збор за нешто убаво на ниво на декорација или орнамент, додека естетското е резервирано за онаа убавина што е етичка). И дека естетското е само (начин на) п(р)ојава на етичкото или негова манифестација.
Пројавата и увидувањего на етичкото е (она што го нарекуваме) естетско. Етичкото е највозвишеното и најубавото во човекот, а тоа е такво затоа што човекот директно активно учествува во етичкото.
Уметноста е илустративна за единството на етиката и естетиката, иако тоа единство го има и надвор од уметноста. На новите форми во уметноста на кои се гледа како на нова естетика треба да се гледа и како на етички развој (или како ослободување на латентната природа и потенцијали во човекот). Естетиката е п(р)ојава на етиката. Етиката се појавува, а таа возвишеност ја нарекуваме естетика.
Етиката веројатно е најубавото и највозвишеното во човекот, а како таква не може да биде ограничувачка повеќе отколку виталистичка и хумана. А што е похумано од еволутивното во човекот низ етиката.

Сотир Ристо