Осврт

(Петар Стојановски-Пеце, Опуление, Скопје, 2025)

Книгата „Опуление“ што е предмет на оваа критичарска белешка е остварена преку два паралелни тока, кои придонесуваат таа да може да се чита и да се доживува преку впечаток на семантичка полнота и со ритмички интензитет. Имено, од една страна нејзиното лирско тело е искомпонирано од плипот согледби, информации, слики и сознанија за непосредното опкружување и за сложеноста на светот, а од друга, пак, со нагласено внимание и преку одбир на редок семантички материјал, постапка што укажува на едно истенчено чувство за креативните можности и потенцијали на јазикот, особено на неговите притаени, подзаборавени слоеви што можат да се отпретаат само преку посветено користење на богатството зачувано во речниците. Кон овој слој можат да се придодадат творбените обиди лирското пеење да се освежи и да се збогати преку употреба на дијалектните лексички единици, што е особено творбено и впечатливо, преку градење неологизми, еднипати со незначителни интервенции во стандардната јазична клетка, но неретко и со поинвентивна разградба или доградба на вообичаените зборови.
Вниманието подолго го свртуваат и го задржуваат таквите зборообразувања што се составки на секоја лирска целост. За пример зафаќам само од песна-две: стивнина, згрејност, прогор, тренум, разбуд, друза, опул, краевина. Впрочем, и во стиховите на поетот е изнесено искрено и чисто признание за неговата опсесија со магијата на јазикот, на зборовните заводливости за креативна активност, бидејќи во една песна изјавува: Заљубеник сум кон зборовите… Секој од нив за мене личотија е, а во друга се дообјаснува: Ги барам оние зборови заборавени. Се покажува, меѓутоа, дека оваа заљубеност, би рекол дури страст спрема зборовите, не се исцрпува само преку еуфонијата на новодобиените лексички единици туку ваквата посветеност се огледа и во поширокото креативно љубопитство, бидејќи освен лексичката свежина, поетовото љубопитство се насочува и спрема разградба на вообичаената синтакса (Сетноста ми слика оцрта), а вниманието особено го привлекуваат и обидите за експериментирање со формата, па дури и со графичкиот облик на песната. Најкарактеристична во таа смисла е песната „Крс+о+“, каде што, како што се гледа и од графијата на насловот, енергично и инвентивно се пристапува кон композиција на надворешните градбени елементи на целата лирска структура.

Сето ова покажува дека имаме автор што е свесен за придонесот што формалните елементи го имаат за севкупната естетска димензија на поетската целост, иако истовремено не се запоставени и потиснати во втор план богатите содржински појаси. Речиси во секој од овие кратки и збити лирски записи се осветлуваат одделните искуства од житејските недоумици, неизвесности и предизвици, што на ова лирско четиво му придодава и содржинска полнота. Испишувам поспецифични искази, изјави и сентенци: Во овој свет, вредно е да си разбуд; Деновиве што минат, ја избегнувам тагата; Искорни ја темната мисла, од душата ти. Секако дека во овие песни не отсуствува и вознесот од љубовната опивка, па, така, на повеќе места ќе прочитаме топли емотивни изливи: О трај, ти трај вечерва, љубена; Тренум те спазив, таму меѓу цветовите те препознав; Понекогаш знаеш да бидеш така заводлива, а ладна. Еден стих, меѓутоа, особено се издвојува со својата лирска енергија, а истовремено и со благоста и со збитоста на внатрешната концентрација. Еве го: Ѝ кладе изгрев, ја маѓепса. Ете, се обидов да посочам на одредени специфичности и квалитети на една нетипична поетска објава во која авторот ефикасно плете лирски структури од цврсти, материјални содржински елементи и од емотивни навеви и чувства доведени до сферата на апстракцијата, па на тој начин компонира допадливи песни во проза, записи преполнети со лирска супстанција. За крај на овој осврт би издвоил реченица-две од песната „Отпојќе убајна“, за која верувам дека ќе значи потврда на критичарските искази и на укажувањата, зашто во неа згуснато се применети стратешките постапки на поетот, особено користењето на конкретните и апстрактните поими, но и сентенци во кои се содржат житејските искуства и искушенија, како и дијалектни навеви: Приседнав до изворот на свесноста. Да отпочинам троа, лице да измијам, од неговата вода да се напијам.

Санде Стојчевски