- „Би-би-си“ избра пет играчи што потенцијално би можеле да го прекинат дуополот Синкараз, во следната сезона
Како што возраста ги стигна Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, мислите се свртеа кон празнината што ја остави големата тројка, која освои 66 од 78-те гранслем-турнири одржани помеѓу 2004 и 2023 година. Карлос Алкараз и Јаник Синер ги разбија сите очекувања дека машките големи турнири ќе бидат целосно отворени. Двајцата ги освоија претходните осум гранслем-турнири и доминираа на АТП-турнејата, што доведе до едно прашање, а тоа е дали може некој да ги запре во 2026 година, пишува „Би-би-си“.
– Гледам многу момци што можат да почнат да стануваат закана ако напредуваат, но тешко е да се каже дека тој и тој ќе биде закана следната сезона. Ако ја погледнете разликата што ја имаат овие двајца момци над другите, тешко е да се замисли – изјави за „Би-би-си“ Патрик Муратоглу, кој ја тренираше 23-кратната гранслем-шампионка Серена Вилијамс помеѓу 2012 и 2022 година.
За таа цел „Би-би-си“ избра пет играчи што потенцијално би можеле да го прекинат дуополот Синкараз, во следната сезона.
БЕН ШЕЛТОН
Со сервиси што достигнуваат брзина над 240 км на час и многу дрскост на теренот, Бен Шелтон (23, деветти на АТП-листата) се најави со својот настап до полуфиналето на Њујорк во 2023-та, стигна до уште едно гранслем-полуфинале во Мелбурн годинава, но се сретна со Синер. Неговиот напредок на следните два гранслем-турнира беше запрен од Алкараз на Ролан Гарос и од Синер на Вимблдон.
– Мислам дека следниот човек што ќе ги предизвика ќе мора да има огромно его ако сака да биде во комбинација, па можеби може да биде некој како Шелтон. Тој ќе мора да напредува, но мислам дека неговата самодоверба во себе и во својата игра е доволно голема – рече Муратоглу.
Поранешниот британски рекет број еден Грег Руседски се согласува дека Шелтон има „огнена моќ“ за да освои гранслем-титула, „Но, само ако направи подобрувања во бекхендот, позиционирањето на теренот и подобро ги игра големите поени“, додаде Руседски.
ТЕЈЛОР ФРИЦ
Тејлор Фриц ( 28, шести на АТП) е меѓу првите 20 во претходните четири сезони, со игра изградена околу сервисот, кој беше рангиран втор на АТП-турнејата годинава. Агресивниот пристап од основната линија го поддржува почетниот удар на Американецот со челичен погон и работна етика што ја поткрепуваат неговата конзистентност. Неговото ниво не е толку високо како на Алкараз или Синер. Тој победи само на два од своите 11 меча против двајцата, со по една победа над секој, ниту една на гранслем-турнир. Но, поранешниот светски рекет број четири Тим Хенман го смета за „најверојатен, кој би ја намалил разликата“.
– Тој е многу ефикасен на сервис и на задниот дел од теренот и форхенд и бекхенд, но треба да се обиде да заврши неколку поени на мрежата кога е толку агресивен од тие удари. Тој малку го внесе и скратениот удар, што е добро за да ги натера ривалите да се движат напред-назад, а не само од страна на страна – изјави Хенман во репортажа на „Нетфликс“.
ЏЕК ДРЕЈПЕР
Ветувањето на Џек Дрејпер (23, десетти на АТП) е илустрирано со тоа што ја заврши 2025 година како десетти во светот, и покрај тоа што играше само на 11 турнири. Со неговиот сервис со лева рака и форхенд што можат да ја пробијат одбраната на повеќето противници, британскиот рекет број еден ги победи и Синер и Алкараз во три сета, вклучувајќи ја и победа на патот до трофејот на Индијан Велс во март.
– Џек е целосно подготвен, има оружје. Мислам дека помага фактот што тој е левучар. Има силен сервис, големи сечења на топката. Тој може да ги победи, го видовме тоа и претходно. Но, за да ги освоите гранслем-турнирите, веројатно ќе мора да го победите Синер или Алкараз во полуфиналето, а потоа да го победите другиот во финалето, а тоа е најголемиот предизвик – изјави за „Би-би-си“ капитенот на дејвискуп-репрезентацијата на В. Британија, Леон Смит.
ФЕЛИКС ОЖЕ-АЛИЈАСИМ
Кога Феликс Оже-Алијасим (25, петти на АТП) стигна до своето прво полуфинале на гранслем-турнир во 2021 година, се чувствуваше како да е подготвен за врвот. Сепак, неговиот напредок беше попречен од низа повреди и недостиг од верба во најголемите настани. Канаѓанецот ја почна годинава надвор од првите 20 во светот, но тој се искачи меѓу првите пет откако стигна до полуфиналето на САД опен, освојувајќи ја титулата во Брисел и губејќи од Синер во финалето на мастерсот во Париз.
– Ми се допаѓа начинот на кој созреа во претходните три-четири месеци и како играше на САД опен. Тој има големо оружје. Ги гледам Јаник и Карлос и ако не дојдеш со огнена моќ, тие ќе те победуваат секојпат – рече аналитичарот на „Тенис ченел“, Марк Петчи.
НОВАК ЃОКОВИЌ
Тоа што Новак Ѓоковиќ (38, четврти на АТП) постојано изгледа како најверојатен играч, кој ќе ја наруши „новата двојка“, е доказ за неговата трајна брилијантност.
– И покрај тоа што малку играше, тој, сепак, беше трет најдобар играч на планетата годинава и сака да продолжи – рече Руседски.
Тој го победи Алкараз на годинашниот Австралија опен, во Мелбурн, каде што Ѓоковиќ е десеткратен шампион, што можеби претставува негова најдобра шанса да ја освои 25-та гранслем-титула, пишува „Би-би-си“. Г.И.
































