фото: Фејсбук-профил на Драган Б. Костиќ

На 75-годишна возраст почина еден од најпопуларните радио-водители и музички новинари Драган Б. Костиќ.

Костиќ е роден во Скопје во 1950 година, а кариерата ја започнал во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991. Втората го доживеа своето 4.500 издание во октомври 2013 година.

Костиќ беше и еден од легендарните скопски диџеи и голем колекционер на музика. Во ноември минатата година, Костиќ прослави 50 години од радио-емисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“.

Во последните години беше познат и по своето телевизиско шоу „Б со точка“ и со онлајн емисијата „Кавервил“.

Погребот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, а последна почит ќе се оддаде од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.