Марина Убавкова со изложбата
- Изложбата „Чекори во времето: Ритамот во нас“ ја поставува балетската уметност како студија за човечката издржливост и внатрешната архитектура на телото
Во Меѓународниот град на уметноста во Париз до 26 декември ќе биде отворена изложбата на цртежи под наслов „Чекори во времето: Ритамот во нас“ на македонската уметница и архитектка Марина Убавкова, на чие отворање присуствуваше и македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николовски. Според зборовите на уметницата, нејзината изложба претставува визуелна одисеја во која танцот станува метафора за човечкото патување – трагање по идеална хармонија меѓу просторот, времето и сопственото јас. Тука ритамот не е само музика, тој е дишење, пулс, животна енергија. Овие дела го слават она што е скриено зад сцената – борбата што го создава моментот на магија.
Изложбата „Чекори во времето: Ритамот во нас“ ја поставува балетската уметност како студија за човечката издржливост и внатрешната архитектура на телото.
– Балетот за мене е совршена уметност на рамнотежата меѓу силата и нежноста, меѓу болката и возвишеноста. Тој е еден од најтешките танцови јазици, каде што зад секој грациозен чекор се кријат огромна дисциплина, жртва и бескрајна посветеност. Сопственото тело станува инструмент, а секој мускул – чувар на приказни што не можат да се изговорат, туку само да се почувствуваат. Во оваа изложба централно место имаат стапалата на балерината, но тие не се дел само од танцот, туку компаси што ја пронаоѓаат насоката на сопствената судбина. Компасот, како симбол на ориентација и потрага, ја претставува внатрешната борба постојано да бидеме „во право време на вистинското место“. Понекогаш чекорот е болен, понекогаш несигурен, но секогаш продолжува напред, носејќи ја надежта дека движењето ќе нѐ одведе токму таму каде што припаѓаме. Часовникот – вткаен во самото тело, во потпетиците, во свитканите ленти од сатен – нѐ потсетува дека времето е и сојузник и предизвик. Тој ја мери издржливоста, ја брои секоја репетиција, секоја солза во тишина, секој момент на триумф кога болката се претвора во убавина. Вистинското време не е само на часовникот – тоа е внатрешен импулс, миг кога срцето и движењето стануваат едно – вели Марина Убавкова.
Марина Убавкова е архитектка и визуелна уметница со магистерски студии по архитектура и ликовна уметност и со богато искуство во архитектонскиот дизајн и визуелните уметности. Таа моментално престојува во Париз на двомесечна резиденција во Меѓународниот град на уметноста. Резиденцијата е поддржана од Министерството за култура, од европската програма „Култура и креативност за земјите од Западен Балкан“, финансирана од Европската Унија и имплементирана од УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка. Целта на оваа програма е јакнење на културните и креативните сектори на Западен Балкан преку грантови, менторства, развој на капацитети и регионални партнерства.
Мирјана Мукаетова

































