Данска – необична членка на ЕУ што стои настрана од Брисел и е пример за заштита на националните политики
Уште во јули годинава, веднаш откако го презеде шестмесечното претседавање со Европската Унија, Данска порача дека промената на Уставот е услов за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Раководните дански политичари, вклучувајќи ја и нивната министерка за европски прашања Мари Бјере, на тој начин повторно го погазија темелниот, основачки акт на ЕУ од 1992 година – Договорот од Мастрихт, кој стриктно наведува оти апсолутно „ги почитува националните идентитети на своите земји членки“, но и „уставните традиции заеднички за земјите членки, како општи принципи на правото на заедницата“. Данска претходно, на референдум од 2 јуни 1992 година, го отфрли овој темелен акт на ЕУ, набрзо откако беше основана Унијата.
На официјалната интернет-страница на данскиот Фолкетингет (парламент) пишува: во јуни 1992 година на референдум данскиот народ гласаше „против“ Договорот од Мастрихт. По отфрлањето на Договорот на тој референдум, Данска преговараше за четири изземања од соработката со ЕУ. Откако беа прифатени изземањата, Договорот од Мастрихт стапи во сила во Данска по неговото прифаќање на вториот референдум во 1993 година. Три од четирите изземања сѐ уште се во сила денес, додека изземањето за одбраната беше укинато по референдумот во 2022 година. Пред три децении Данска побара и доби изземање (1) да не биде дел од Економската и монетарна унија на ЕУ, како и да не ја спроведува нејзината политика околу (2) прашањата за правдата и внатрешните работи, (3) прашањата за државјанството и (4) прашањата за заедничката безбедносна и одбранбена политика.
Долгорочно данско спротивставување на мејнстрим-политиките на Брисел
Данска ѝ се приклучи на Европската економска заедница (која ѝ претходеше на ЕУ) во 1973 година, со прокламирана цел да биде активен член на европскиот проект. Но баш и не е премногу „одушевен член“ на европскиот проект. На 4 декември 2015 година на референдум Данска изгласа ново „не“ и за други аспекти на политиката на ЕУ: тогаш Данците го отфрлија усвојувањето на правилата на ЕУ за прекугранична полиција. Тогашната централнодесничарска влада на Данска сакаше да се откаже од данските изземања од законодавството на ЕУ во областа на внатрешните работи. Меѓутоа, повеќе од 53 отсто од Данците на референдумот пред десет години рекоа „не“ на владините предлози.
Во кампањата за референдумот Кристијан Тулесен Дал, тогашниот лидер на евроскептичната Данска народна партија, имаше изјавено: „Политиката на изземања го чува данскиот народ не само од политиката на ЕУ туку и од проевропските политичари во Данска!“
Проф. д-р Петерс Недергард, политиколог од Универзитетот во Копенхаген, во таа кампања кажа: „Данците се во значителна мера приврзани кон изземањата на нивната држава од политиката и актите на ЕУ, бидејќи тие изземања претставуваат и симбол на данскиот суверенитет!“
Во анализата со наслов „Данска отфрла повеќе закони на ЕУ – новото лице на данската политика“ светскиот информативен сервис на „Дојче веле“ на 4 декември 2015 година констатираше дека „Данска е необична членка на ЕУ, која стои настрана од Брисел“.
– Данците знаат дека кога работите му се препуштаат на Брисел, тие бидуваат оставени долгорочно во еден нетранспарентен систем каде што губиме многу од нашата демократија. Затоа Данците велат „да“ за соработката, но не и да му го препуштат поголемиот дел од својот суверенитет на Брисел – рече Кристијан Тулесен-Дал, лидерот на Данската народна партија.
Данска задржува специјален статус во ЕУ
Инаку, специјалниот статус на Данска во Европската Унија се состои од исклучоци кога станува збор за политиките на ЕУ за правда и внатрешни работи, бидејќи данските гласачи го отфрлија Договорот од Мастрихт во 1992 година. Кога на Данска ѝ беа понудени откажувања во тие области во 1993 година, Данците се согласија со Договорот од Мастрихт. Велика Британија и Ирска исто така долго време уживаа слични изземања од правото на ЕУ, напиша пред десет години „Дојче веле“.
Всушност, стремежот и барањата на Данска да биде ем членка на ЕУ ем „настрана од ЕУ“ претставуваат масовна политика и пракса на поголемиот, ако не и на најголемиот број на нејзините 27 земји членки, и тоа од самиот почеток кога ЕУ беше основана како „елитен европски клуб“ пред три децении!
За неприфаќањето и отфрлањето на политиките на ЕУ преку изземање
Давање предимство на својот национален суверенитет
во однос на законодавството на Унијата
Неприфаќањето и отфрлањето на политиките на ЕУ, таканареченото опт-аут (opt-out) – изземање од тие политики од страна на нејзините членки се случува преку формални откажувања, намерно непочитување на директивите и отфрлање на договорите преку национални референдуми. Овие постапки ги реализираат и земји -членки на ЕУ и европски земји што не се членки. Земјите членки на ЕУ го изразуваат неприфаќањето на нејзините политики на неколку начини. Првиот начин е преку формални изземања – одредени земји членки преговараа за трајни исклучоци (изземања) од специфични области на политиката во рамките на договорите на ЕУ. На пример, Данска, Ирска и Полска имаат изземања од клучни области како што се слободата, безбедноста и правдата, но и од Повелбата на ЕУ за фундаментални права. Данска има изземање и од Економската и монетарна унија, што значи дека не е обврзана да го усвои еврото. Велика Британија, пред брегзитот, односно пред да ја напушти ЕУ, имаше неколку истакнати изземања, вклучувајќи и од еврото и Шенгенскиот договор.
Вториот начин на неприфаќање и отфрлање на политиките на ЕУ е преку непочитување и прекршување на тие политики, но и на законодавството на ЕУ – земјите членки понекогаш не успеваат да ги спроведат директивите на ЕУ во националното законодавство или намерно ги прекршуваат постојните прописи, што доведува до судска постапка од страна на Европската комисија, позната како прекршочна постапка. Има многубројни примери за ова. Во областа на актите на ЕУ за животната средина голем број држави, вклучувајќи ги Германија, Италија и Романија, се посочени за непочитување на стандардите на ЕУ за животна средина, како што се особено стандардите за загадувањето на воздухот и употребата на пестициди. Во областа на миграцијата и азилот, ЕУ ги прогласи Унгарија, Полска и Чешка како прекршители на прописите на ЕУ, поради нивните одбивања да учествуваат во шемата за привремено префрлање бегалци, поточно кажано мигранти, на нивната територија. Брисел ја прогласува Унгарија повторно како „црна овца“ во „белото стадо на ЕУ“, овој пат и во врска со владеењето на правото, но заедно со Полска.
Овие две „особено бунтовни членки“ на ЕУ се под удар на ЕУ, која смета дека „владите на Полска и Унгарија се во судир со независноста на судството и другите демократски институции, кои се сметаат како основни вредности на ЕУ“. Поправо на еврократите од Брисел им пречи, и тоа многу, тоа што Варшава и Будимпешта им даваат предимство на својот национален суверенитет и на приматот на нивните национални законодавства во однос на законодавството на ЕУ.
Третиот начин на праксата на изземања од политиките и законите на ЕУ е со отфрлање на Договорот од Мастрихт преку национални референдуми, при што домашното политичко спротивставување во низа држави може да доведе или веќе довело до отфрлање цели договори на ЕУ. На пример, Договорот за воспоставување устав за Европа беше отфрлен од француските и холандските гласачи на тамошните референдуми во 2005 година. Ќе повториме дека данските гласачи го отфрлија Договорот од Мастрихт во 1992 година, што доведе до преговорите за споменатите опции за изземање на Данска.
Европски земји што не се членки избираат, исто така, свое различно ниво на интеграција со и во ЕУ, претпочитајќи да не бидат воопшто во нејзините редови, ама и да бидат релативно блиску до неа и заедничкиот европски пазар. Значи, пред сѐ водејќи сметка за своите државни и национални интереси. Преку јавни референдуми одделни држави во Европа ја спроведуваат таквата своја политика „ниту во Европа – ниту без Европа“. На пример, во Норвешка и во Швајцарија гласачите на референдуми го отфрлија полноправното членство во ЕУ, иако се тесно интегрирани во единствениот пазар на ЕУ и во шенген-зоната преку други договори. Исланд имаше поднесено барање за членство, но потоа го „замрзна“. Истото тоа го направи кон крајот на 2024 година и Грузија со својата веќе поднесена апликација за зачленување во ЕУ.
Сите овие случаи го истакнуваат принципот на „диференцирана интеграција“ во рамките на Европа, каде што земјите одржуваат различни степени на учество врз основа на нивните национални преференции, нивните државно-национални интереси, потреби и нивните внатрешни политички и економски специфичности. „Диференцираната интеграција“ е всушност од многу поодамна широко раширен и спроведуван механизам и концепт, кој им дава можност на земјите да се откажат од одредени политики на Европската Унија, додека други земји можат дополнително да се вклучат и да ги усвојат. Затоа политиките не се спроведуваат унифицирано во ЕУ. Св.Т.
Данските искуства – проекција за Македонија
„Диференцираната интеграција“ ја штити автономијата на земјите членки?
Најновите идеи во ЕУ да им понуди неполноправно членство на земјите кандидатки без право на глас или на вето ја означуваат намерата на Брисел да оформи своевидна „втора европска лига“ на членки, покрај „првата европска лига“ на државите привилегирани да имаат полноправно членство. А ваквите идеи покажуваат дека и самиот Брисел претпочита „диференцирана интеграција“. Каде се наоѓа или каде треба да се најде Македонија во оваа ситуација и во ова време кога изземањата од политиката и законодавството стануваат сѐ повеќе приоритет на постојните земји членки кога се омасовува и приемната на концептот на диференцираната интеграција? Во случајот со македонската евроинтеграција особено се инспиративни и вредни да се имаат предвид данските искуства со нејзините изземања од ЕУ, „бидејќи тие го чуваат данскиот народ не само од политиката на ЕУ туку и од пролиберално актуелните бриселски политичари од Данска, но и затоа што тие изземања претставуваат и симбол на данскиот суверенитет“, како што кажаа пред десет години Кристијан Тулесен Дал, поранешниот лидер на Данската народна партија, и професорот д-р Петерс Недергард, политиколог од Универзитетот во Копенхаген. Преведено во македонскиот случај, наместо „стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика“’ на ЕУ, наместо целосно и некритично спроведување на таканаречената зелена еколошка агенда на Брисел и други акти на ЕУ, Македонија, ако не изземања, тогаш би требало да постапува во рамките на една „диференцирана про-ЕУ политика“, преговарајќи и барајќи и таа во некои обврски да биде ослободена. Треба да се чуваат и Македонија и македонските граѓани од политиката на ЕУ и од одделни „проевропски политичари“ во Македонија, кои обрнуваат многу повеќе внимание на интересите на Брисел и на идеологија и доктрина што воопшто не ни се блиски наместо да имаат тежиште на интересите на својата земја.
Згора на сѐ, дури повторно од Македонија се бара да мора да прифати промена на својот устав – нешто што не било никогаш побарано од ниедна европска држава во целото тридецениско постоење на ЕУ во ваква агресивна форма и во целосна спротивност со сите норми и принципи на меѓународното право.
Д-р Франк Шимелфениг, професор по европска политика во државниот универзитетски Сојузен институт за технологија во Цирих, во својот научен труд „Надминување на кризата во Европската Унија – границите на диференцираната интеграција“ изнесува вреден совет, применлив и за Македонија, дека диференцираната интеграција во ЕУ би ѝ овозможила да ги заштити својот национален идентитет и национално самоопределување, но и да ја одбегне опасноста од бугарското вето.
– Европската Унија станува сѐ похетерогена, разнолична и оспорена. Диференцираната интеграција ја штити автономијата на земјите членки, особено во доменот на основните државни овластувања, кои некои ги сметаат како основа на националниот суверенитет и националното самоопределување. Во исто време, диференцираната интеграција во ЕУ им овозможува на земјите членки што се подготвени и способни да ја продлабочат својата интеграција без да бидат блокирани од вето или од правила за униформност – нагласува Шимелфениг.
Свето Тоевски

































