Пред да се зборува за улица, пароли и за „поддршка“, мора да се воспостави јасен интелектуален и правен контекст. Што всушност се поддржува? Да се разбереме: Хашим Тачи, поранешен претседател на Косово и политички лидер на УЧК, се товари за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително незаконско затворање, тортура, прогон, убиства и присилни исчезнувања, врз основа на командна и индивидуална одговорност;
Кадри Весели, поранешен шеф на разузнавачката структура на УЧК и претседател на парламентот, се товари за учество во организиран систем на незаконски притвори, малтретирање и тортура на цивили;
Јакуп Красниќи, поранешен портпарол и висок функционер, се товари за учество во истата структура на прогон и нечовечко постапување врз цивили; додека – Реџеп Селими, поранешен командант, се товари за директна и командна одговорност за незаконско лишување од слобода, сурово постапување и убиства на цивили во периодот 1998–1999 година, вклучително и врз албанско цивилно население, не само врз српското.
И во војна и во отпор постои кодекс на однесување (conduct): цивили не се цел, притвореник не е плен, а командата не смее да се претвори во механизам за одмазда и терор.
Токму за тоа се водат овие постапки – затоа што, според обвинението, тие правила биле погазени, а насилството било насочено и кон „другиот“ и кон „својот“.
Значи тие што денес се наоѓаат во Хаг не се таму поради политички ставови, ниту поради национална припадност. Тие се таму затоа што се обвинети пред косовските специјализирани совети за конкретни кривични дела: злосторства против човештвото и воени злосторства, извршени во периодот 1998–1999, и тоа врз основа на индивидуална и командна одговорност.
Клучниот факт што упорно се игнорира е следниот: меѓу жртвите на тие злосторства не биле само Срби туку и албанско локално население – луѓе третирани како политички противници, осомничени за нелојалност или едноставно прогласени за „пречка“.
Легитимно е секој да верува во презумцијата на невиност. Но исто така е легитимно да се постави прашањето: кога поддршката за обвинети поединци престанува да биде правна и станува колективна, идентитетска и заканувачка?
Одбрана или релативизација на терор?
Кога Али Ахмети и неговата политичка структура ја претвораат „поддршката“ во улична мобилизација со паролата „И јас сум УЧК“, тие свесно ја напуштаат логиката на правото и влегуваат во логиката на силата.
Тука повеќе не се брани презумцијата на невиност, туку се брани едно однесување: дека насилството е прифатлива алатка ако е „наша“, дека теророт е релативен ако е оправдан со „виша цел“ и дека институциите важат само додека не станат пречка, во стилот,,целта го оправдува делото“.
Ахмети селективно заборава дека истите тие структури вршеле насилство и врз албански цивили? Или тоа се смета за „колатерална штета“, која е прифатлива?
Одбраната на вакво однесување, без дистанца и без критичка свест, не е одбрана на слобода, туку индиректна одбрана на терор како политички метод.
„Јас сум УЧК“ како антидемократска порака
Пораката од улицата е јасна и опасна: демократијата ја користиме додека ни одговара; кога не ни одговара – тогаш настапуваат сила, притисок, уцена и поткуп. Во интелектуална смисла, тоа е директно негирање на владеењето на правото. И тука се поставува уште едно непријатно, но неопходно прашање:
Ако вакви протести се легитимни, што тогаш ги спречува Србите да организираат масовна поддршка во име на „историска правда“ и враќање на Косово во српски граници? Мм? Токму во Скопје…
Дали навистина сакаме да отвориме врата каде што улицата ќе одлучува кој е виновен, а кој херој?
Порака до албанската заедница
Драги мои Албанци, пораките што денес се испраќаат се многу поопасни отколку што изгледаат. Тие не ја зајакнуваат вашата позиција – тие ја радикализираат другата страна.
Со вакви политички насоки, директно го туркате македонското општество кон: национална дефанзива, геополитичко приближување кон Србија, Унгарија и Русија и напуштање на идејата за заедничка изградба на општеството врз демократски принципи, мир, договор и соживот. Ако всушност таа е ви целта – тогаш, да, на вистинскиот пат сте.
Кој има корист?
Да бидеме искрени. Од ваква радикализација немаат корист народот, општеството ниту државата, туку политички структури што без конфликт се празни. Политички фигури како Ахмети не можат да опстанат во нормална, стабилна и институционална демократија. Одземете им ги теророт, насилството и лажниот патриотизам – и тие ја губат релевантноста. Затоа постојано се враќаат на пароли, закани и митологија. Затоа го заведуваат народот со поделби, а не со визија.
Заклучок
„И јас сум УЧК“ не е израз на солидарност. Тоа е политичка алатка што ја укинува индивидуалната одговорност, ја релативизира правдата и го радикализира општеството. А општество што се радикализира, не оди кон мир, туку кон нови конфликти.
Прашањето е едноставно: дали сакаме иднина изградена врз институции и право или врз улица, страв и политичка манипулација?
Историјата веќе ни покажа колку е висока цената на второто. Одлучете дали сте подготвени да ја платиме?
Анита Гибсон
Авторката е публицистка од Лондон, Велика Британија

































