Претседателите Емануел Макрон (напред лево) и Си Џинпинг (напред десно) за време на државната посета во Пекинг / Фото: ЕПА

Бриселските парадокси (3)

  • Најдобра потврда дека европските предводници во суштина длабоко во себе чувствуваат неопходност од соработката со Кина, заради сопствена одржливост, е неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг, каде што со кинескиот лидер Си Џинпинг потпиша повеќе договори за соработка, со надеж дека на тој начин ќе ја заживее и затетеравената француска економија. Второ, зад ваквиот потег несомнено се крие и личната желба на Макрон преку економски импакт од договорите со Кина да го крене и личниот рејтинг во пресрет на претседателските избори закажани за 2027 година

Фамата што ја лансира Брисел во врска со „проблематичното кинеско влијание во регионот“ почнува да се распрснува како меур од сапуница, имајќи ги предвид чекорите што ги преземаат водечките европски земји во насока на продлабочување на севкупната соработка со Кина.
Имено, Македонија и дел од земјите од Западен Балкан се соочуваат со своевиден парадокс, да им се врши засилен притисок од Брисел да ја редуцираат максимално соработката со Кина, со објаснување дека не смее да се дозволи некакво кинеско влијание на овие простори. Во исто време земји како Германија, Франција, Италија, Грција, Шпанија, но и САД, продолжуваат да ги интензивираат средбите на високо ниво со кинеските власти во насока на продлабочување на заемната соработка во повеќе области.
Дилемата што се наметнува во јавноста е зошто Европа непотребно креира бариери за отворена соработка на земјите од регионот со Кина, кога повеќето европски земји сѐ повеќе се фасцинирани од технолошкиот напредок и експанзијата на кинеската економија и ја користат секоја можност за соработка.

Макрон во Кина гледа клучен партнер

Најдобра потврда дека европските предводници во суштина немаат никаков проблем околу соработката со Кина е неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг, каде што со кинескиот лидер Си Џинпинг потпиша повеќе договори за соработка, со надеж дека на тој начин ќе ја заживее и затетеравената француска економија. Зад ваквиот потег несомнено се крие и личната желба на Макрон преку економски импакт од договорите со Кина да го крене и личниот рејтинг во пресрет на претседателските избори закажани за 2027 година.
Макрон за време на посетата на Кина беше придружуван од голема бизнис-делегација, при што беа потпишани 12 договори за соработка што опфаќаат стареење на населението, билатерални инвестиции, нуклеарна енергија и зачувување на пандите.
Кина е седмиот најголем трговски партнер на Франција, купувајќи стока во вредност од околу 35 милијарди долари секоја година, според податоците на кинеската царина. Околу 10 отсто од овие производи се козметика, а делови за авиони и алкохолни пијалаци се меѓу другите клучни извозни производи.
Од своја страна, Франција внесува кинески стоки во вредност од околу 45 милијарди долари, претежно пакети со ниска вредност преку онлајн платформи како „Шејн“ со евтина облека, додатоци и гаџети директно од кинеските фабрики, благодарение на ослободувањето од царина од ЕУ за купувања под 150 евра.
– Сега, повеќе од кога било, дијалогот меѓу Кина и Франција е клучен… Предлагам позитивна агенда со три насоки за нашите односи, една од геополитичката стабилност, економската ребалансираност и еколошката одржливост… Мора да продолжиме да се здружуваме за мир и стабилност во светот – му рече Макрон на својот домаќин за време на нивниот состанок минатиот четврток во Големата сала на народот во Пекинг.
Минатото лето во посета на Пекинг беше и италијанската премиерка Џорџа Мелони, со што на некој начин ги „рестартираше“ односите меѓу Италија и Кина, со важни економски и инвестициски теми на дневен ред.
Во мај 2024 година Хрватска и Кина официјално ја подигнаа својата соработка на сеопфатно стратешко партнерство, со потпишување 18 меморандуми и договори за соработка, вклучувајќи економија, инфраструктура, енергија, технологија.
Кина инвестира во стратешки проекти во Унгарија како фабрики за батерии за електрични возила, индустриски инвестиции и слично.
Неодамна и шпанското министерство за економија потврди дека односите со Кина ќе се интензивираат и дека „зголемувањето на соработката и трговската размена“ со Кина ќе биде дел од пошироката рамка меѓу ЕУ и Кина. Кинески инвестиции се присутни и во Грција.

Македонија да ги отвори ТИРЗ-овите за кинески фабрики

Познавачите на состојбите се согласуваат дека станува збор за крајно парадоксална ситуација, ЕУ да предупредува на опасностите од кинеско влијание во регионот, но во исто време земјите членки отворено да соработуваат со Кина и да си ги зајакнуваат сопствените економии додека регионот економски тоне и останува надвор од Унијата на неодредено.
– Точно е дека ситуацијата е крајно парадоксална. Од една страна ЕУ го има маркирано овој простор како своја сфера на интереси, не сака да дозволи предвремено кинеско инволвирање, но од друга страна земјите членки си склучуваат договори за соработка со Кина. Тука не говориме само за големи силни држави како Франција и Германија, кои делумно можат да ѝ парираат на Кина во некои аспекти, туку и за помали држави како една Хрватска, па и Грција, кои се водат исклучиво од сопствените интереси. Несомнено новите геополитички случувања диктираат еден себичен пристап, секој да се спасува најдобро што може и да склучува договори со секој што може да му помогне во поставените цели. Така треба да биде и со Македонија. Земјава во целост ја усогласи надворешната политика со ЕУ, но од тоа нема некаков фидбек. Напротив, ЕУ веќе со децении ја држи земјава во заложништво и продолжува и натаму да ја условува со билатерални прашања. Затоа земјава треба да гради партнерски односи со сите, вклучувајќи ја и Кина, врз база на реципроцитет, заемна почит, разбирање и меѓусебни интереси. Кинеските компании работат на некои инфраструктурни проекти во земјава и нема ништо лошо во тоа туку, напротив, тие низ Европа се покажаа со својата способност и ефикасност, како и иновативни решенија. Кинезите беа тие што го изградија Пељешкиот мост во Хрватска, проект со кој не можеа да се справат европските компании. Проблем е што кај нас често политиката се меша и таму каде што не треба, па проектите се пролонгираат со години токму поради желбата дополнително да се краде од државата. Македонија реално може да има полза од кинеското искуство во делот на инфраструктура, транспортот, здравството, индустријата, дигитализацијата, машините и технологијата, како и во делот на образованието и културната размена. Значи, за нас како држава поповолно е да ги привлечеме кинеските инвеститори во ТИРЗ така што Кинезите би граделе фабрики во земјава, на пример за електрични автомобили, батерии, други автомобилски делови и електроника, што ќе ни донесе вработувања на македонски граѓани и стекнување со знаења поврзани со новите технологии. Овој пристап се покажа како најдобар и со другите земји што изградија во неколкуте ТИРЗ подрачја низ земјава, така што нема зошто Кина да биде исклучок. Ако земјите од ЕУ го прават тоа, нема зошто да не го правиме и ние, особено ако се има предвид фактот дека тоа ќе помогне и за заживување на македонската економија, а со тоа и на општествената благосостојба – заклучуваат соговорниците.