Новата американска стратегија за национална безбедност уште повеќе ги продлабочи американско-европските разлики
- Наговарањето на Зеленски од страна на Германија, Франција и на Велика Британија, како и од водството на ЕУ, да не го прифаќа планот на Трамп, во Вашингтон се гледа како отворен непријателски чин кон САД. Дополнително, казната што ЕУ му ја наметна на Елон Маск, кој важи за близок соработник на Трамп, е јасна порака дека Европа нема намера да соработува со Америка на Трамп и ќе се труди да ги опструира сите негови напори додека тој е во Белата куќа, оценуваат аналитичарите
Разликите во политиките меѓу САД и Европската Унија никогаш не биле до таа мера дијаметрално спротивни како што се сега, не само во поглед на изнаоѓање мировно решение за војната во Украина туку и за многу други прашања за кои европските позиции се целосно спротивни од американските.
Во последно време дури и реториката на релацијата Вашингтон-Брисел излегува од рамките на вообичаената дипломатска пристојност, па обраќањата и меѓусебните обвинувања стануваат сѐ подиректни и сѐ поостри.
Најдобра потврда дека традиционално добрите европско-американски односи се разнишани поради многу прашања е и новата американска стратегија за национална безбедност, документ што аналитичарите го опишуваат како „сеизмички потрес во трансатлантските односи“. Во документот се тврди дека Европа доживува „цивилизациски колапс“ поради миграцијата и ригидната бирократија во Брисел, која, како што се вели, „ги поткопува политичката слобода и суверенитет“. Уште повознемирувачко е предупредувањето дека Вашингтон ќе „поттикне отпор во рамките на ЕУ“ со цел да „ја исправи својата траекторија“.
Дополнително масло на огнот на растечкиот конфликт беше казната од 120 милиони долари што ЕУ му ја изрече на Илон Маск за неговите практики на социјалната мрежа Икс. Маск одговори со силна политичка порака: „Европската Унија треба да се укине, а суверенитетот да им се врати на нејзините земји членки“.
Заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, продолжи со слична реторика, обвинувајќи ја ЕУ дека е „неизбрана, недемократска и нерепрезентативна институција што ја поткопува безбедноста на САД“.
Документот во кој Америка најавува поддршка за европските суверенисти, острата реакција од Брисел, растечките тензии околу санкциите против Маск и политички отворените пораки од Вашингтон, сето тоа укажува дека започнува ново, неизвесно и длабоко конфликтно поглавје во трансатлантските односи.
Познавачите на политичките случувања очекуваат ваквата остра реторика меѓу Брисел и Вашингтон да ескалира сѐ додека Европа отворено ги минира американските обиди да постигне мир во Украина.
– Курсот на ваквата американска политика кон Европа го најави уште американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Берлинската безбедносна конференција, кога јасно им порача на Европејците дека ваква Европа е недемократска и неодржлива, што беше вистински шок за европските челници. Овој европско-американски јаз дополнително се продлабочува имајќи ја предвид улогата што ЕУ ја игра околу опструирањето на мировните планови на Трамп за Украина. Наговарањето на Зеленски од страна на Германија, Франција и Велика Британија, како и од водството на ЕУ, да не го прифаќа планот на Трамп, во Вашингтон се гледа како отворен непријателски чин кон САД. Дополнително, казната што ЕУ му ја наметна на Елон Маск, кој важи за близок соработник на Трамп, е јасна порака дека Европа нема намера да соработува со Америка на Трамп и ќе се труди да ги опструира сите негови напори додека тој е во Белата куќа. Клучната дилема е дали во тој случај Европа нема самата да се вовлече во неволји и да ги прецени сопствените можности, имајќи го предвид фактот дека и внатре во ЕУ има земји што не се согласуваат со актуелните европски политики, кои на многумина им изгледаат крајно нерационални, па дури и самоубиствени – констатираат аналитичарите.
Кошта: САД се мешаат во внатрешните работи на ЕУ
Од своја страна, европските челници ги обвинуваат САД дека директно се мешаат во внатрешните работи на ЕУ најавувајќи отворена поддршка на суверенистичките сили во рамките на Европа, кои стануваат сѐ повеќебројни, мотивирани исклучиво од лошите политики на актуелното европско водство, кое за да ја зачува сопствената позиција влегува во отворен конфликт и со САД.
Првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека поддршката на САД за европските националистички партии е неприфатлива.
Тој потсети дека не се согласува со Трамп по голем број теми, вклучително и климатската политика, но дека новата стратегија оди подалеку од дипломатското несогласување.
– Ова е закана од мешање во европската политика. Сојузниците не се закануваат дека ќе влијаат врз внатрешните политички одлуки на своите партнери. САД не можат да ја заменат Европа во нејзината визија за слобода. Европа мора да биде суверена – нагласи Коста. С.Т.
Реструктурирањето на трансатлантските односи е нужност
Оценка на добар дел од американските аналитичари, особено по објавувањето на американската стратегија за национална безбедност, е дека таа ја рефлектира промената во американскиот став кон ЕУ, фокусирајќи се на поголема независност и поблиску поврзување со Азија, што може да предизвика реструктурирање на трансатлантските односи.
Според аналитичарите, САД нема да се откажат од лидерската позиција во глобалната борба против авторитаризмот, а такви автократски пројави гледаат токму во актуелното европско раководство, кое упорно ја турка Европа кон економски и безбедносен колапс, само колку да се одржи на власт. Последните афери со проневера на европските пари од поранешни високи европски функционери, како и истрагите против претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, покажуваат дека функционерите сакаат да се спасат од одговорност така што уште повеќе ќе ја туркаат Европа во хаос, а САД се противат на таквото сценарио.
Некои аналитичари сметаат дека САД треба активно да работат на обновување на довербата и партнерствата со ЕУ и е добро што користат остар тон кон актуелните европски елити, особено во светло на глобалните закани.
– Тоа значи дека Европа им е важна, во спротивно ќе ја оставеа само да пропаѓа – оценуваат дел од нив.
Американските аналитичари нагласуваат дека потребата за координирана безбедносна стратегија помеѓу САД и ЕУ е важна, но не е доволна доколку постојат недоразбирања или еднострани политики. С.Т.
Европските аналитичари гледаат американско-руски заговор против Европа
Николај фон Ондарца, раководител на Одделот за европски студии во германски аналитички центар, предупредува дека Америка повеќе не ја крие својата намера активно да се меша во европските избори.
– Отворената поддршка за промена на режимот во Европа е доказ дека стратегијата на САД кон нејзините сојузници радикално се променила – вели Ондарца.
Слично на тоа, Макс Бергман, директор на програмата „Европа-Русија-Евроазија“ во американски аналитички центар, тврди дека поддршката за крајно десничарските и националистичките сили станала „клучен дел од националната стратегија на САД“.
– Ова не е импровизација. Ова е официјална политика на САД и таа ќе биде имплементирана. Во политички фрагментиран пејзаж, поместување од 1 или 2 процентни поени може драматично да го промени исходот од европските избори – вели Бергман.
Тој ги предупредува европските лидери дека мора да прифатат нова реалност.
– Администрацијата на Трамп политички ги прогонува европските лидери. Дали ЕУ само ќе гледа како Вашингтон го финансира нивниот политички пад – прашува Бергман.
Уште потешка дијагноза нуди Муџтаба Рахман, аналитичар во водечка консултантска куќа.
– САД сега официјално имаат намера, заедно со Москва, да влијаат на европската изборна сцена со цел да промовираат националистички и крајно десничарски партии што им се спротивставуваат на ЕУ – вели Муџтаба Рахман.
Натали Точи, директорка на Италијанскиот институт за меѓународни односи, верува дека ЕУ со години негува опасна заблуда дека Доналд Трамп е „непредвидлив, но на крајот управлив“.
– Тоа е погрешно. Администрацијата на Доналд Трамп има јасна визија: приоритет е партнерството со Русија, а потоа поделбата на Европа – со поддршка на националистичките сили што претставуваат социјално конзервативни вредности блиски до движењето МАГА – вели таа.
Според неа, овие сили работат на поделба на континентот и поткопување на европскиот проект.
– Европското ласкање на Трамп нема да ги спаси трансатлантските односи – заклучува Точи. С.Т.

































