Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Градот Скопје интензивно продолжува со унапредување на спортската инфраструктура во скопските средни училишта, следејќи ја визијата за создавање здрави, активни и мотивирани генерации. Инвестициите што се реализираат во моментов, како што вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставуваат важен чекор кон обезбедување современи услови за спорт и рекреација, кои ќе им овозможат на средношколците повеќе можности за развој, дружење и градба на спортски навики.

-Со поставување фокус на квалитет, безбедност и функционалност, новите и реконструираните терени стануваат директна инвестиција во иднината на младите и темелот на посилно и поенергично Скопје. Нови и модерни спортски терени добиваат средните скопски училишта. Горд сум кога нашата визија што ја градиме, полека добива своја форма, што ми дава уште поголема инспирација и мотив да продолжиме уште посилно. Со силна и јасна цел да ги мотивираме средношколците да живеат здраво, ставаме огромен фокус во инвестирањето во спортската инфраструктура.
Ова е инвестиција во здрави генерации кои се темелот на нашата иднина – изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Во моментов, како што посочи, се во реализација нови и реконструирани спортски терени, во училишта: СУГС „Браќа Миладиновци“ – повеќенаменско спортско игралиште, СУГС „Здравко Цветковски“ – повеќенаменско игралиште со специјално уредени спринт-патеки, СУГС „Димитар Влахов“ – ново фудбалско и кошаркарско игралиште, СУГС „Кочо Рацин“ – фудбалско игралиште, терен за одбојка и целосно реконструиран под во спортската сала, СУГС „8 Септември“ – игралиште за кошарка и одбојка и СУГС „Ѓорѓи Димитров“ – тениско, кошаркарско и фудбалско игралиште.

-Сите овие терени се градат со високо-квалитетни и издржливи материјали, односно полипропиленски спортски подови од ист тип како оние што се користеа на Летните Олимписки игри во 2024 година. Ова е стандарден избор кога се сака безбедност, издржливост и професионални услови за тренинг. И тука не застануваме. Спортот е навика, дисциплина, карактер и тимска работа. Затоа, во континуитет ќе продолжиме да ја развиваме и унапредуваме спортската инфраструктура низ целото Скопје. Затоа што Скопје заслужува, а младите, повеќе од било кој – потенцира Ѓорѓиевски.