Лого

На Попова Шапка од 5 до 7 декември, 43 волонтери создадоа нови 243 статии на македонски јазик за глобалната интернет-енциклопедија Википедија за време на одржувањето на седмиот по ред „Вики-камп“ на темата „Занаети во светот”.

Преку создавање статии, дискусии и предавања, не само што ја збогатуваа Википедија, туку учесниците имаа можност и да дознаат повеќе за занаетчитството преку едукативни предавања, информираат од Викимедија МКД, невладина организација која се занимава со умножување на слободни содржини и единствен македонски огранок на Фондацијата Викимедија.

Предавања одржаа м-р Ненад Шундовски, координаторот за ГЛАМ програма на Викимедија МКД, Орце Нинески како и Лили Арсова, координатор на Вики клуб Велес. Свои обраќања имаа и претседателот на здружението, Николче Стојаноски и извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска.

– Оваа иницијатива има за цел да ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик, како и да ги едуцира младите во користење и придонесување кон слободните енциклопедиски знаења. Кампот е само една од поголемиот број проекти и настани кои ги организира Викимедија МКД, невладина организација која се занимава со умножување на слободни содржини достапни за секого – изјави Штрковска.

Викимедија МКД еднаш годишно организира „Вики-камп“. Како дел од глобалната Фондација Викимедија со седиште во Сан Франциско, Викимедија МКД ги користи своите волонтерски капацитети за да создаде за читателската публика што поголем број бесплатни и добропотврдени енциклопедиски содржини.