Досега се откупени 1,7 милиони килограми тутун со просечна цена од 419, 6 денари. Ова го изјави министерот за земјоделство и шумарство Цветан Трипуновски, кој денеска беше во посета на неколку откупни претпријатија во Прилеп.
Според него откупот на тутунот одел во добра и релаксирана атмосфера.
– Од 320 отворени се 207 ваги. Само една компанија од десетте нема започнато со откуп. Ќе почне од вторник. Денеска можам да кажам дека сите компании имаат иста цена за откупен тутун, односно 420 денари за прва класа. Секогаш може да биде повисока цената, но тоа е дел од компаниите. Овој старт на почетокот е задоволителен и останува да го следиме целиот тек на откупот на тутунот. Има зголемување во однос на лани. Субвенциите се дефинирани, ама работиме оваа откупна сезона да биде поуспешна од лани – рече министерот Трипуновски.
Тутунарите првично се задоволни од откупот, но велат цената треба да се зголеми.
-Годинава заради сушата имавме само 620 килограми. Беше со добар квалитет и помина прва класа. Добро е, ама може уште подобро да биде. Цената треба да биде повисока, најмалку треба да биде околу 10 евра – вели Роза Колеска, долгогодишен тутунопроизводител.- Досега имаме откупено над 600 тони тутун, односно една четвртина од планирана количина. Откупен е во прва класа, по цена од 420 денари. Тутунот е квалитетен. Исплатата се врши двапати неделно – изјави Александар Алексовски, директорт на Тутунскиот комбинат.
Иако откупот на тутунот не е во надлежност на Општината, сепак е многу важна стопанска гранка во градот, на која надлежните стават прироритет.
– Максимално се вложуваме добро да помине откупната сезона. Посакувам успешна откупна сезона и да има поголемо производство на тутун – рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп. Ка.М.
































