Од годинашното одбележување на Денот на албанското знаме во Скопје

Од наш агол

Прославата на Денот на албанското знаме како повод

Последниве денови, за време на подготовката и прославата на 28 Ноември, Денот на албанското знаме, пошироката македонска јавност повторно регистрира еден стар и добро научен политички трик: кога една партија ќе ја изгуби моќта, кога поддршката ќе почне да се топи, а довербата се распаѓа, тогаш демонстрацијата на сила, на национализам или, поточно, шовинизам, во пакет со изрази на сецесионизам, останува како единствената преостаната алатка за „мобилизација“ на одредената фокусна група граѓани. И којзнае по кој пат, повторно се лансира тој познат механизам: наместо реформи, се нудат знамиња; наместо идеи, се нудат етнички емоции; наместо визија, се нуди поделеност.
Токму тоа го видовме деновиве од политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), некогаш доминантна партија во албанскиот политички блок, а денес опозициска организација што очигледно ја изгуби способноста да понуди модерна, демократска и европска агенда. Наместо да гради доверба со конкретни политики, ДУИ се одлучи да ја рециклира најризичната политичка формула: креирање национална еуфорија преку симболи, знамиња и пораки што повикуваат на етничка дистанца од државата. Згора на сето тоа, со елементи што се косат со актуелното позитивно право во нашата држава.

Сликата што ја видовме не беше празнична, туку демонстрација на сила и вовед во политичко насилство

Нема ништо спорно во тоа да се почитува празник или да се слави етнички идентитет. Но кога во повеќе градови низ Македонија, во местата каде што живеат Албанци, се појавија масовни агресивни групи, со исклучиво албански знамиња, со величање еден етнички мегалодржавен проект, на сметка на другите граѓани во Македонија, и кога државното знаме целосно отсуствува, кога се носат карти на „голема Албанија“, кога политички активисти го водат маршот, тогаш тоа престанува да биде културна манифестација и станува политички сигнал и манифестација на (квази)политички стојалишта. Тоа е класичен сигнал дека одредена партија (конкретно ДУИ) свесно ја влече заедницата назад во времиња кога етничките симболи се користеа како оружје, а не како израз на идентитет.
Нелогично е – речиси трагикомично – партија што ја водеше државата две децении да се претставува како борец кој штотуку сфатил дека треба да се борат за „права и достоинство“. Ако нешто недостига во институциите, кој ги водеше тие институции до пред една година? Додека беа во власта, национализмот им беше непотребен. Сега, кога ја изгубија моќта, им е единствен инструмент. Тоа е признание дека немаат програма што може да го убеди електоратот на рационално ниво, па се враќаат на емоционално.

Не е проблем албанското знаме, проблем е што не се почитува владеењето на правото, што се кршат Уставот, законите и другите правни акти на државата

Ова е ситуација кога уште еднаш треба да се повтори фактот дека во Македонија никој не се противи на развивање или истакнување етничко знаме. Тоа е дел од идентитетот, од културата, од традицијата. Но, на територијата на Македонија, државното знаме не е „опција“ – тоа е обврска, знак дека ја уважуваш, почитуваш и, се разбира, ја признаваш државата (и правото и обврските) на државата во која живееш. Сосема е легитимно да се носи албанско знаме. Но противправно е кога со таквиот чин не се почитуваат актите на државата од таа област. Тоа испраќа порака дека „тој некој или тие некои“ не се чувствуваат како дел од државата. И тоа е политички, но и правен проблем, кој го создаваат токму оние што тврдат дека ќе ја водат таа држава (или ја воделе претходно оваа држава).
Што се однесува до симболите на „голема Албанија“ – тоа навистина не е шега. Тоа се симболи што не се „игра за деца и млади“, како што толкуваат некои аналитичари. Тоа се веќе перманентни тенденциозни поведенија со истакнување симболи што не се толкуваат како фолклор, туку како претензии. Факт е дека тоа е присутно. Па така, следствено на тоа, кога политичка партија (сега ДУИ) дозволува такви симболи да доминираат на настани што мобилизира граѓански маси и поттикнува и мотивира на одредени поведенија, тогаш таа презема одговорност дека ги легитимира истите тие и ги претвора во своја „алатка“. Тоа е спротивно на европската политика, спротивно на демократските стандарди и спротивно на интересите на самите Албанци во Македонија.

Македонија мора да ги остави зад себе партиите што живеат во минатото

Од сето напред елаборирано, аналогно се заклучува дека ДУИ е легално регистрирана политичка партија во Македонија, која не го почитува државното знаме, ги игнорира Уставот и законите на оваа држава и се претвора во фактор за нестабилност.
Граѓаните во Македонија заслужуваат политика што нуди решенија, а не симболи. Политика што нуди проекти, а не митови. Политика што гледа во иднината, а не во картата на Балканот од 19 век. ДУИ денес се обидува да преживее политички преку националистички рефлекси. Но тоа не е пат напред. Тоа е признавање на сопствениот пораз: политичка импотенција замаскирана во етнички еуфорични маршеви. Македонија мора да го остави тоа во историјата. Македонија мора да ги остави зад себе партиите што живеат во минатото. Р.Н.М.


Парадоксот на ДУИ: Про-ЕУ партија со анти-ЕУ пракси

ДУИ не е опозициска организација без институционална тежина. Речиси 20 години партијата беше дел од секоја владина коалиција, управувајќи со министерства за внатрешни работи, финансии, економија, транспорт, правда (вклучувајќи и влијание врз судството), локална самоуправа. Тоа значи дека ДУИ ја познава правната рамка, ДУИ креираше државни политики, а се разбира дека беше одговорна и за спроведување на законите. Од тоа произлегува дека игнорирањето на државното знаме и поттикнувањето симболи што алудираат на територијални промени се свесно и целно политичко дејствување, а не незнаење или спонтано однесување на граѓаните

Политичката пракса на ДУИ целосно спротивна на нивното име – на унитарноста на државата и на евроинтегративните процеси

Истражувањата во политичката теорија покажуваат дека партиите што губат моќ прибегнуваат кон етничко собирање, конфликти, националистички демонстрации, собири и изрази. Али Ахмети, како лидер што доминираше на албанската политичка сцена повеќе од две децении, очигледно ја применува токму оваа стратегија за да го задржи приматот во албанскиот политички блок. Таа стратегија е спротивна на Уставот, на правната држава и на европските стандарди. Кога политичка партија ги охрабрува младите да се идентификуваат со знаме на друга држава и мапи на други територии, таа не гради лојалност кон државата чиј дел се. Тоа води до двојна лојалност, оддалечување од државните институции, продлабочување на етничките линии. Пораката е јасна: ДУИ не ја гледа државата како своја. И тоа сериозно ја подрива довербата меѓу заедниците.

Поширока димензија за употребата на знамињата

Во ниту една европска држава етничко знаме не смее да го замени државното, политичка партија не смее да промовира симболи што повикуваат на отцепување, институциите не смеат да бидат пасивни кога државните симболи се занемаруваат.
Во земјите од ЕУ, користење мапи што повикуваат на промена на граници се третира како екстремистички чин, повреда на јавниот ред, антиуставно дејствување и се реагира инстантно, бескомпромисно, во рамките на Уставот и законите на соодветните држави. Од тој аспект, Македонија не може да тврди дека чекори кон ЕУ додека дозволува политички субјекти да ги промовираат токму тие пракси што се неприфатливи во европскиот систем.

ДУИ сама се дисквалификува како сериозен чинител во градењето европска, модерна и функционална Македонија

ДУИ се обидува да се претстави како европска, модерна и ориентирана кон правната држава. Но нивните постапки покажуваат нешто сосема спротивно. Партијата и нејзините функционери и членови го игнорираат македонскиот устав, изразуваат јавно непочитување на државните симболи, промовираат сепаратистички симболи, поттикнуваат етничка мобилизација и сегрегација и креираат создавање паралелна политичка агенда. А политичка партија што одбива да го истакне државното знаме на државата во која бара мандат за владеење, автоматски се дисквалификува како сериозен чинител во градењето европска, модерна и функционална Македонија. Р.Н.М.