Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по предлог-буџетот за 2026 година.
По амандманската расправа, Комисијата за финансирање и буџет ќе го проследи Предлог-буџетот за 2026 година на натамошна постапка, а известител на седницата на Собранието ќе биде претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска.
На денешната 49. седница Комисијата го прифати комисискиот амандман што се однесува на реновирање на руинираната спортска сала за ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар.
Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ образложувајќи го амандманот рече дека го предлага со цел да се обезбедат средства во износ од 10 милиони денари за внатрешно реновирање и реконструкција на спортската сала за ОУ „Гоце Делчев“ од Гостивар. Таа, меѓу другото, додаде дека ова училиште има преку 100 вработени и 1.000 ученици и дека следната година училиштето ќе одбележи 50 години постоењето.
Во текот на вчерашниот ден беа прифатени неколку амандмани од опозицијата со кои се бараше доопремување за службите за Брза помош.
За предлог-буџетот за 2026 година беа поднесени вкупно 200 амандмани.
Пленарната седница на која ќе се разгледува предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.
Во предлог-буџетот за 2026 година вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи на 413,9 милијарди денари. За капитални инвестиции се планирани 40,5 милијарди денари. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.




































