Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

По реакциите во јавноста за прекинатиот настап на Аца Лукас во Кавадарци, од СВР Велес денеска информираат дека полицијата констатирала дека пејачот настапувал без потребната дозвола по што бил приведен.

– Утрово во во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола – соопштија од СВР Велес.

Против А.В била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна.

– При контролата во истиот угостителски објект констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци – појаснија од СВР Велес.

Оттаму дополнуваат дека Министерството за внатрешни работи во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите.