Американските сојузници и украинските претставници во средата се обидуваа да ги протолкуваат условите на мировниот предлог на администрацијата на Трамп за Украина, при што многумина беа загрижени дека тоа значи оти САД би можеле да попуштат на руските барања во обид за итен прекин на борбите. Додека европски и американски претставници бараа јасност, тие рекоа дека многу аспекти на планот остануваат подложни на промени, вклучително и улогата на НАТО и какви било територијални отстапки на Украина кон Русија.
Напорите на мировниот пратеник на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој служеше како посредник со Москва, почнаа кон крајот на минатиот месец, кога тој се сретна со рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев во Мајами, според извор запознаен со ова прашање, токму кога згаснаа надежите на претседателот Доналд Трамп за средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Украинските и европските претставници се чувствуваа изненадени кога постоењето на планот на Виткоф стана јавно, бидејќи тие сметаа дека Трамп почнал да ја сфаќа незаинтересираноста на Русија за постигнување договор, рекоа два извора на „Политико“ запознаени со ова прашање.
Планот од 28 точки – чие постоење првпат го објави порталот „Аксиос“, во својата сегашна форма би барал значителни отстапки од Украина, вклучително и ограничувања на нејзината војска и откажување од големи делови од територијата, според лице запознаено со напорите. Но изворот нагласува дека одредбите од планот остануваат предмет на преговори.
Одреден аспект за кој американските претставници сè уште размислуваат е дали и како да се спомене НАТО, а дискусијата за Северноатлантската алијанса не е претходно објавена. Украина побара членство во НАТО како безбедносна гаранција против евентуални идни руски воени дејствија. Додека некои европски земји ја поддржуваат таквата можност, САД ја отфрлија, а Москва долго време бараше Киев да не ѝ се приклучи на Алијансата, гледајќи го таквиот процес како закана. Европските сојузници, исто така, се загрижени за давањето територијални отстапки на Русија, што го сметаат за наградување на воените дејствија на Москва и за создавање загрижувачки преседан.
– Не сме информирани за ова. Има постојани напори од страна на сите меѓународни партнери конечно да го доведат претседателот Путин на преговарачка маса. Ние, секако, поддржуваме сè што води во оваа насока. Се фокусираме на поддршка на Украина и на тој начин му ставаме до знаење на Путин дека нема алтернатива на процесот на преговори – изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред новинарите во средата.
Се чинеше дека барањата на Русија се повторување на предлозите што државниот секретар Марко Рубио веќе ги отфрли во напорите за одржување лидерски самит и тие би биле неприфатливи за Киев, рече еден од изворите на „Политико“. Тие го вклучуваат барањето на Москва да контролира повеќе територија во Источна Украина отколку што зазеде во војната и Украина да се откаже од идните безбедносни заштити од западните сојузници.
Секретарот на американската армија Ден Дрискол, заедно со началникот на Генералштабот на армијата, генерал Ренди Џорџ, и командантот на Армијата за Европа, генерал Кристофер Донахју, беа брзо испратени во Киев неделава за да разговараат со Украинците за планот, како што првпат објави „Политико“ во вторникот. Патувањето се случи брзо по состанокот во Белата куќа минатата недела, на кој Трамп рече дека Дрискол, кој планираше патување во Украина следниот месец, треба да биде емисар на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот тим за планот, според функционер на администрацијата. Беше предвидено Дрискол да ги продолжи своите состаноци во Киев со серија брифинзи со сојузниците на НАТО за да ги информира за планот и што САД го гледаат како пат напред, додаде функционерот.
Белата куќа е оптимистички расположена во врска со новиот план, при што нејзин висок функционер рече дека рамката за завршување на конфликтот би можела да биде договорена од сите страни до крајот на месецов, па дури и неделава. Друг претставник на Белата куќа рече дека двете страни ќе треба да покажат флексибилност.
Украина првично не го коментираше планот јавно. Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, изјави во средата дека е во „постојана комуникација“ со тимот на Трамп, вклучувајќи го и Виткоф, и дека ќе соработува со САД за да се стави крај на војната „и да се обезбеди праведен и траен мир“.
Европските и украинските функционери со месеци беа претпазливи во однос на пристапот на Виткоф кон конфликтот. Некои ја поврзуваат неговата склоност кон самостојно работење со неуспехот на досегашните мировни напори на администрацијата на Трамп, при што неговото одбивање да се консултира со сојузниците, понекогаш го остава неинформиран или неподготвен, како што објави „Политико“.
– Русите јасно го идентификуваа Виткоф како некој што е подготвен да ги промовира своите интереси. Не се направени консултации со Европејците за ова. Но постои крило во Белата куќа што веќе некое време ги гледа Европејците како расипувачи во мировниот процес, па на некој начин, тоа не е изненадувачки – рече функционер на ЕУ.
Вториот функционер на Белата куќа ги отфрли грижите дека Москва сака да соработува само со Виткоф за да се стави крај на војната. Русија треба да сака да разговара со Вашингтон за ставање крај на војната, рече функционерот. Кремљ во средата го ублажи значењето на новиот предлог.
– Нема ништо ново покрај она што беше дискутирано во Анкориџ – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кога беше прашан за предлогот, осврнувајќи се на самитот на Алјаска меѓу Трамп и Путин во август.
Не е јасно колку е обемно планирањето за овој мировен план. Со голем број луѓе, кои вообичаено би биле информирани за таков план во Белата куќа и Стејт департментот, исто така, не беа направени консултации за обновениот напор на Виткоф, според функционери запознаени со ова прашање. Еден од нив рече дека планот на Виткоф вклучува „нулта меѓуагенциска координација“.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп и неговите високи помошници постојано се обидуваа да ја наведат Русија сериозно да се вклучи во прекинувањето на конфликтот. Но месеците состаноци на високо ниво и телефонски разговори, вклучително и самитот во Алјаска, ги оставија Трамп и неговиот тим фрустрирани.
Дрискол, највисокиот функционер за одбрана испратен во Украина, веќе беше вклучен во соработката со Украинците за споделување дел од нивната експертиза за беспилотни летала, а тој договор, што Трамп со нетрпение го очекува, исто така е дел од разговорите неделава. Трамп го нарече Дрискол свој „човек со беспилотни летала“ според функционерот на администрацијата, и ја доби довербата на претседателот со неговиот притисок за реформирање на бирократијата за набавка на оружје на армијата и неговите почести појавувања на националната телевизија за да ги промовира своите реформи.


































