Реката Пчиња се излеа од коритото кај селата Пелинце и Стрновац, информира Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово.
Оттаму известуваат дека од општина Старо Нагоричане информирале дека на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бања Стрновац, реката Пчиња се има излеано од своето речно корито за околу 20 сантиметри.
– Во моментот, излевањето не зафаќа куќи или викендици. Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање на поголема количина дрвја, кое го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња. За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности – соопштија од ЦУК.
Два лица со автомобил заглавиле утрово во надојдената вода во село Стрновац во општина Старо Нагоричане поради излевањето на реката Пчиња и создавање на вирови, пожарникарите од општината ги извлекле.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на река Пчиња кај Пелинце, утрово е 120 сантиметри, вчера бил 18 што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати поввисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметри.

































