Дискусијата за минималната плата и барањето за зголемување беа дел од денешната собраниска седница на која пратениците од опозицијата побараа одговор од министерот за економија.
Министерот Бесар Дурмиши рече дека Владата е за зголемување на минималната плата, но дека за тоа треба да се договорат синдикатите и работодавачите. Во одговорот, Дурмиши рече дека доколку се зголеми минималната плата без економска оправданост, малите и средните претпријатија ќе се соочат со проблем што ќе се рефлектира со отпуштање на работниците.
– Како Влада и како Министерство за економија не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Ниту еден договор не сакаме да го донесеме, а да е на штета на работниците и работодавачите. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем којшто ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници по што инфлацијата ќе се зголемува – рече Дурмиши.
Посочи дека според „Евростат“, земјава е на средина по висината на минималната плата и дека зад нас се Албанија и Србија.
Пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ рече дека инфлацијата во октомври на годишно ниво е зголемена на 4,5 проценти и дека и во моментот има скок на цените на основните прехранбени производи.
– Инфлацијата го јаде секој денар, кој граѓаните го земаат на крајот на секој месец. Според вашата логика, проблемот не е дека граѓаните плаќаат повисоки сметки, туку дека ако земат минимална плата од 500 евра, ќе бидат криви за инфлацијата – рече Тренчевска.
Според Тренчевска, не држи образложението на министерот дека треба да се договорат само синдикатите и работодавачите затоа што станува збор за трипартитен социјален дијалог во кој учествуваат не само синдикатите и работодавачите, туку и Владата.

































