Поставувањето на гнездечки платформи е дел од проектот за зачувување на царските орли во Македонија, кој е финансиран од фондацијата „Rufford“ од Англија, а кој веќе од 2014 година го спроведува Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци во соработка со АД- Мепсо и ЕВН- Македонија. Деновиве се поставуваат десет нови гнездечки платформи за царски орли на далекуводот од Штип кон Србија. Досега во два наврати во 2014 и 2016 година беа поставени четириесетина платформи и тоа на далекуводот од Велес кон Дуброво и далекуводот од Штип кон бугарската граница.

– Генерално платформите се поставуваат во степскиот дел на Република Македонија односно во Овчеполието и во делови на Повардарието, каде што живеат царските орли, кои се степски птици. Ваквата акција е неопходна затоа што царските орли се соочуваат со недостиг на погодни дрва за гнездење, па се почество се одлучуваат да гнездат на далекуводите. За жал речиси сите природни гнезда направени на далекуводите се наоѓаат на централниот дел од столбната конзола директно над централниот проводник што во одредени случаеви предизвикуваат исфрлање на далекуводот поради краток спој. Поставувањето на платформите за гнездење на соодветно место од конзолата каде што нема да има никакви пречки, трајно го решава проблемот и на птиците но и на дистрибуцијата на електрична енергија. Од досега поставените платформи пет се веќе заземени од царски орли, а три други од гаврани. Тоа е добар успех доколку се земе предвид дека царските орли се територијални птици и потребно е подолго време да се пополнат нови територии од новоформирани двојки или пак да се преселат постоечките двојки на нова територија – објаснува Емануел Лисичанец од здружението „Аквила“ .

Изработката на овие модифицирани гнезда е сложен процес, како и нивното поставување на далекуводите но ангажираноста на Здружението „Аквила“ и вработените од АД Мепсо и ЕВН – Македонија несомнено ќе придонесе за подобрување на условите за загнездување на царските орли во Македонија, а со тоа зачувување и зголемување на нивната популацијата.

М.М.