„Приказна за една муза“ e самостојна изложба на Марија Николова, дипломирана сликарка на ФЛУ-Скопје во класата на професорот Танас Луловски.
Делата се изработени во техниката акрил на платно, во временскиот период меѓу 2020 и 2025 година. Изложбата e отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) и ќе трае до 25 ноември.
„Приказна за една муза“ е приказна за сонот и јавето, духовното и световното како дел од животот на уметникот, кој лебди меѓу два света. Ова е приказна за една уметничка душа што чекори по својот личен пат низ лавиринтот на животот, приказна за една изгубена муза низ сивото секојдневие – вели Николова
Со својата прва самостојна изложба во галеријата на МКЦ, Марија Николова создава визуелна сублимација на нејзината долгогодишна и посветена работа. Во овој проект таа ги спојува формата и бојата во една интимна и искрена композиција, каде што секој потег и нијанса носат лична автентична ликовна приказна.
Нејзиниот уметнички јазик е весел, непосреден и оригинален, но истовремено и длабоко промислен, градејќи сопствен универзум на визуелна хармонија. Николова преку ова дело го потврдува главното кредо на секој автентичен уметник – да создава однатре, искрено и без имитација.