Фото: КФМ

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027

  • Првата цел ја остваривме, но не застануваме тука. Пред нас имаме уште пет натпревари во кои сакаме да реализираме уште некоја победа, вели македонската репрезентативка Ивана Кметовска

По историската прва победа во едни квалификации за Европско или Светско првенство (СП), над Данска (79-78), во рамките на првото коло од квалификациите за пласман на ЕП во 2027 година (група Ф), македонската женска сениорска кошаркарска репрезентација, предводена од селекторот Александар Ашаданов, денеска во СРЦ „Кале“ во Скопје (18 часот, влезот е слободен), ќе биде пред нов предизвик. А тоа е репрезентацијата на Грција, која е многу поискусна во настапите на ЕП и СП и, секако, е фаворит на хартија.
– Грција е фаворит број еден во нашата група и игра на еврошампионатите во низа. Сакам да имаме поддршка од публиката, а овие девојки сигурно ќе бидат уште повеќе мотивирани и ќе дадат сѐ од себе и на денешниот дуел – вели селекторот Ашаданов.
Грција досега настапила на 11 ЕП (вкупно 22 победи и 40 порази), а од 2001 година до денес отсуствувала само двапати. Била домаќин во 2003 година (девето место) и во 2025 година (11-то место). Најдобар пласман остварила во 2017 година во Чешка, кога била четврта и во 2009 година во Летонија, петта, додека еднаш била деветта, трипати 10-та, двапати 11-та и 13-та и еднаш 16-та. Има две учества на СП, во 2010 и во 2018 година, каде што завршила 11-та. Еднаш играла на ЛОИ, во Грција во 2001 година, и била седма. Предводени од селекторот Петрос Прекас, во сегашниот состав посебно отскокнуваат трите интернационалки, центрите Марија Фасуола (Бешикташ, Турција), Артемис Спанау (Забину, Чешка) и Елени Босагна (Легањес, Шпанија), а тука е и Американката со грчки пасош, крилото Робин Паркс. Ефикасна е и крилото Елена Кристинаики, која игра за Олимпијакос.
Македонија досега нема настап на ЕП.
– Првата цел ја остваривме, но не застануваме тука. Пред нас имаме уште пет натпревари во кои сакаме да реализираме уште некоја победа – оптимистка е една од најискусните во македонската репрезентација, крилото Ивана Кметовска, која имаше свој придонес особено во одбраната против Данска.
Но, тоа што радува во македонските редови е фактот што плејмејкерката Анџелика Митрашиновиќ е прв асистент, а центарот Мерит Хемпе трет стрелец по првиот круг од овие квалификации.

Така, капитенката на репрезентацијата Митрашиновиќ е прва на листата на најдобрите асистенти, со 11 успешни додавања против Данска, и заедно со ефектот на Украинката Алина Јакупова, се најдобри по првиот одигран меч. Митрашиновиќ е и една од неколкуте кошаркарки што имаа дабл-дабл ефект, односно постигна 14 коша и шест скока за 36,6 минути игра.
И македонската кошаркарка со американски пасош Хемпе имаше извонреден поентерски старт во квалификациите, впишувајќи 25 коша за 34 минути на теренот, од кои 16 даде во првото полувреме, што е пак трет најдобар поентерски резултат во првото коло. Водечка е Израелката Алиса Барон со 27 коша. Хемпе е на седмото место на листата на кошаркарки со најголем број на индексни поени (25), а во првото коло најмногу оствари Бугарката Валерија Алексиева (31). Хемпе е и трета реализаторка во шут од поле (обиди вредни по два и три поени), со 11/16, односно 68,8 отсто од овие позиции.
Правдата на денешниот дуел ќе ја дели судиската тројка: Петер Пракш (Унгарија), Светлана Стојанова (Бугарија) и Зденко Томасовиќ од Словачка, а делегат е Грузиецот Мераб Ратишвили. Третиот меч од првиот циклус квалификации Македонија ќе го игра со Хрватска на гости во вторник (18 ноември).
Во вториот натпревар од оваа група, денеска (18 часот), ќе играат Хрватска и Данска. Во првиот меч, Хрватска на гости ја совлада Грција со 76-73. По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните ќе одат во вториот дел од квалификациите за место на ЕП 2027. Г.И.