По најавите дека Владата на САД треба да се врати во функција, по нејзиното најдолго затворање во историјата на Америка
Владата на САД треба да се врати во функција по најдолгото затворање во историјата на земјата, кое го запре воздушниот сообраќај, ја намали помошта за храна за Американците со ниски приходи и остави повеќе од милион работници без плата над еден месец. Но, длабоките политички поделби што го предизвикаа 43-дневното затворање на владата остануваат нерешени, пренесуваат светските медиуми.
Пакетот за финансирање содржи малку заштитни огради што го спречуваат американскиот претседател Доналд Трамп да го ограничи трошењето, во администрација што редовно го оспорува уставниот авторитет на Конгресот врз парите. И планот не се осврнува на истекувањето на здравствените субвенции што следува, што всушност ги наведе демократите во Сенатот да го иницираат затворањето на владата.
Затворањето исто така ги откри поделбите во Демократската партија помеѓу нејзината либерална база, која бараше од нејзините лидери да сторат сè што е потребно како отпор кон Трамп и умерените, кои сметаат дека нивните опции се ограничени сè додека републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот. Ниедна партија не се чини како јасен победник во спорот. Анкета на „Ројтерс/Ипсос“ објавена завчера покажа дека 50 отсто од Американците ги обвинуваат републиканците за затворањето, додека 47 отсто ги обвинуваат демократите.
Враќањето во полн капацитет може да биде краткотрајно, бидејќи договорот ја финансира владата само до 30 јануари, зголемувајќи ја можноста за уште едно затворање на почетокот на следната година. Националниот систем за воздушен сообраќај почна да се враќа во нормала, по илјадници откажувања на летови предизвикани од високите стапки на отсуство кај контролорите на воздушниот сообраќај во земјата. И 42 милиони Американци повеќе нема да мора да се грижат за примање на субвенциите СНАП што им помагаат во купувањето намирници. Затворањето принуди стотици илјади федерални вработени да работат без плата, додека други беа испратени на принудно отсуство.
Непартиската Конгресна канцеларија за буџет процени дека затворањето ќе одложи трошење од потрошувачите во вредност од околу 50 милијарди долари и ќе го намали американскиот БДП за 1,5 процентни поени. Канцеларијата за буџет на Конгресот соопшти дека економијата во голема мера ќе закрепне кога ќе заврши блокадата, иако нема да бидат надоместени до 14 милијарди долари во загубена активност. Р.С.































