Хрватска: Изгласана резолуција за спречување на контроверзниот поздрав „За дом спремни“ на јавни настани
Резолуцијата со која се повикува градоначалникот на Загреб да преземе мерки за спречување на употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучувајќи го и поздравот „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, беше усвоена од страна на Градското собрание на Загреб.
Одлуката се однесува на површините управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои градот издава дозволи за одржување настани. Целта, како што истакнаа советниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност, објави „Индекс“.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, изјави дека употребата на усташки симболи во просторите управувани од Град Загреб ќе биде забранета, но дека концертот на Марко Перковиќ-Томпсон, познат по промовирањето на усташка реторика во своите песни, сепак ќе се одржи на 27 декември, бидејќи претходно е потпишан договор за него.
Претседателката на клубот на советници „Можеме“, Ива Ившиќ, истакна дека заклучокот се темели на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска, како и на ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права. Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слободата на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со членот 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Градоначалникот Томашевиќ изјави дека секој што смета дека заклучокот на Градското собрание е нелегален може да користи законски механизми за да го оспори. Р.С.


































