Каналска пливачка асоцијација
- Голема чест е да се добие ваква награда во таква посебна пригода. Благодарност до Каналското пливачко друштво и секако до Викторија Нестор, која ја подигна наградата во мое име. Многу пријатно бев изненаден со оваа награда, но, за жал, не можев да присуствувам, ни изјави Поп Ацев
На годишната вечер на Каналската пливачка асоцијација (ЦСА), а по повод 150 години од првото успешно препливување на каналот Ла Манш, на македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев, на посебна пригода во градот Фолкстон му беше доделена наградата „Нико Нестор пливање за мир“, како признание за извонредните достигнувања на Поп Ацев и неговото олицетворение на духот на мирот и истрајноста преку пливањето, што е уште едно признание за македонскиот маратонец.
Наградата ја доделија Мајкл Рид, претседател на Каналската пливачка асоцијација и градоначалник на Довер.
– Голема чест е да се добие ваква награда во таква посебна пригода. Благодарност до Каналското пливачко друштво и секако до Викторија Нестор, која ја подигна наградата во мое име. Многу пријатно бев изненаден со оваа награда, но, за жал, не можев да присуствувам, поради некои неодложни обврски што не можев да ги откажам во краток рок. Можеби во македонската амбасада во Лондон ќе одам некој ден, оти ми рекоа дека се планира, само не знам кога ќе се случи тоа – ни изјави Поп Ацев, кој не го криеше своето задоволство.
Наградата „Нико Нестор пливање за мир“, во име на Поп Ацев, ја прими Викторија Нестор, ќерката на Нико Нестор.
– Како ќерка на Нико Нестор, тоа беше длабоко значаен момент и чест за мене да ја примам оваа награда во името на Евгениј, не само на посветеноста на Евгениј туку и на трајното наследство на татко ми, потсетувајќи нѐ дека пливањето има моќ да ги поврзува луѓето низ водите, нациите и генерациите. Честитки до Евгениј и благодарност до Каналската пливачка асоцијација што го одржа ова наследство на храброст, единство и надеж. Оваа награда ја симболизира сета филозофија на мојот татко, Нико Нестор, храброст, поврзување и надеж преку пливањето. Неговото наследство продолжува преку „Фондацијата Нико Нестор“, која им овозможува на децата и на младите, особено од ранливите средини, да научат да пливаат безбедно, да градат самодоверба и издржливост, да најдат мир и припадност преку спортот. Секоја донација ни помага да понудиме бесплатни часови по пливање, обука за локални тренери и проекти за безбедност во вода во заедницата. Едноставно, заедно да ja продолжиме мисијата на Нико Нестор, затоа што секое дете заслужува слобода, безбедност и радост што пливањето ја носи – ни изјави Викторија Нестор. Г.И.
Колекционер на успеси
Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев (37) е трикратен светски шампион во маратонско пливање, кој зад себе има многу освоени трофеи, остварени победи, успеси. Неговата активна маратонска кариера траеше од 2007 до 2021 година, притоа во 2015 и во 2017 година триумфира на Светската гранпри-серија во маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на Светската пливачка федерација (ФИНА).
Тој настапи на 106 трки од светска класа во 21 држава, а девет години се качуваше на подиумот во генералниот пласман. Беше 13-ти на Светското првенство (на 25 км) во 2019-та, победи на маратонот Капри-Наполи во 2016-та, беше петти вкупно во Светскиот куп (СК) на 10 км во 2019 година, има триумф на Охридскиот маратон во 2015-та, а во 2023 година беше прв на Илинденскиот куп во Охрид… На 18 мај 2024 година во Канкун (Мексико), за своите големи достигнувања во овој спорт, дипломираниот стоматолог Поп Ацев стана член на „Куќата на славните на маратонското пливање“.
Тој е петтиот Македонец кому му успеа да го преплива каналот Ла Манш. Патеката од Англија до Франција ја преплива со одлично време од девет часа и 43 минути. Претходно прв што го преплива Ла Манш беше Нико Нестор на 9 септември 1959 година, потоа Атина Бојаџи во 1969-та, Томи Стефановски во 2009-та и Игор Димовски во 2010-та. Г.И.

































