Загрижувачко истражување
Сите кучиња ги сакаат топките, но некои едноставно се зависни од овие играчки и целосно се заслепени од нив. Иако си играат со влечење јаже, носење предмети и интеракција со другите, по завршувањето на забавата тие ќе продолжат да си играат со своите омилени предмети, дури и ако се исцрпени или повредени.
Истражувачи од Универзитетот во Берн, Швајцарија, направија споредби помеѓу „прекумерната мотивација за играчки“ кај некои кучиња и човечката зависност од коцкање или интернет-игри. За разлика од лицата зависни од одредени супстанции, постојат многу малку животински примери корисни за проучување на однесувачките зависности. Домашното куче спонтано покажува зависност и, иако тоа не значи дека е официјален „зависник“, постојат паралели помеѓу кучињата и луѓето што научниците сакаат да ги истражат.
Во текот на истражувањето, ветеринарката бихевиористка Алја Мачини и нејзините колеги ги анкетираа сопствениците на 56 машки и на 49 женски кучиња. Триесет и три кучиња при експериментите покажаа однесување слично на зависност кон своите играчки. Тие се фиксираа на својата играчка, покажувајќи „желба“ за неа, но исто така покажаа недостиг од интерес за алтернативни играчки, упорно обидувајќи се да пристапат до омилениот предмет дури и кога беше надвор од дофат. Кучињата покажаа дека повеќе ја сакаат играчката отколку загатката со храна или интеракцијата со својот сопственик. Во своите одговори на анкетата, учесниците со кучиња зависни од играчки рекоа дека на нивните миленици им треба сѐ повеќе игра за да бидат задоволни. Според зборовите на нивните сопственици, повеќето миленици зависни од играчки би продолжиле да си играат со омилените предмети и покрај штетните последици. Токму онака како што онлајн игрите можат да им донесат радост на луѓето, играњето со играчки предизвикува радост кај кучињата. Но проблемите можат да се појават кога играњето станува прекумерно, па некои кучиња развиваат штетни компулзии кон своите омилени предмети. Подоцнежните истражувања треба да ги поврзат индивидуалните разлики во однесувањето слично на зависност кај кучињата со карактеристики поврзани со зависничко однесување кај луѓето, како што се висока импулсивност, лошо „назадно“ учење, зголемена перзеверација (упорност) и одложено гаснење на претходно наградуваните реакции.


































