Успехот е неизбежен ако го правиш тоа што го сакаш, вели Македон

Средба со Македон Димитровски, петтоодделенец за кого бројките се решлива енигма

  • Македон има 11 години и е ученик во петто одделение во интернационалното училиште„Нова“ во Скопје. Добитник е на неколку домашни и меѓународни награди за математика, познат е по своите впечатливи изјави, својата проникливост, надареност, посебност, посветеност и натпросечност. Тој вели декаматематиката го привлекувала отсекогаш, а најмногу го интересираат геометријата и логичките задачи, бидејќи секогаш бараат размислување во повеќе насоки и имаат некој интересен трик што треба да се открие

Maкедон Димитровски, нашата гордост, веќе многу добро ѝ е познат на македонската јавност, благодарение на неговите извонредни способности, големата интелигенција и меѓународните успеси во областа на математиката. Како што ни кажа неговиот татко, Владимир Димитровски, вратите за медиумско претставување на Македон почнале да се отвораат благодарение на објавата на нашата колешка Биљана Стојановска, новинарка во „Нова Македонија“. Па затоа, нашата радост е уште поголема што по неколку години повторно разговараме со Македон, сега на страниците на „Колибри“, а по повод неговите најнови достигнувања.
Македон Димитровски има 11 години и е ученик во петто одделение во интернационалното училиште „Нова“ во Скопје. Добитник е на неколку домашни и меѓународни награди за математика, познат е по своите впечатливи изјави, својата проникливост, надареност, посебност, посветеност и натпросечност. Тој вели дека математиката го привлекувала отсекогаш.

Македон е наша математичка ѕвезда

– Уште од мал бев многу заинтересиран за математиката. Ми беше забавно да бројам, да решавам мали загатки и да откривам како функционираат бројките. Подоцна, кога почнав да учам потешки задачи, љубовта кон математиката уште повеќе порасна – затоа што секогаш ми претставува предизвик што сакам да го совладам – открива Македон.
По неодамна одржаниот меѓународен натпревар, кој се случи во Несебар, соседна Бугарија, Македон се врати со неколку награди.
– Учествував на меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кој се одржа во Несебар, Бугарија. Таму освоив една бронзен и еден сребрен медал, еден бронзен куп – пехар и титулата „Математичка ѕвезда“. Натпреварот беше прекрасно искуство – запознав деца од многу земји, разменивме знаење и идеи, и сите заедно уживавме во духот на натпреварувањето и пријателството – со радост раскажува Македон.
Меѓу мноштвото награди со кои се закити, овој македонски вундеркинд вели дека една награда му е посебно драга.
– Особено ми е драг златниот медал што го освоив на финалето на натпреварот „Кенгур“. Тоа беше момент кога навистина почувствував дека целиот труд и часовите поминати во вежбање се исплатиле. Тој медал за мене има големо значење и ме мотивира да бидам уште подобар – вели Македон.
Сакавме да дознаеме дали постои личност што особено го мотивира Македон, во која гледа светол пример, некому кому му се воодушевува.
– Мене ми е омилен Никола Тесла, затоа што неговите достигнувања го променија светот. Тој бил гениј во повеќе области – од електрика и физика до механика и иновации. Ме восхитува начинот на кој размислувал, неговата упорност и фактот што никогаш не се откажувал од своите идеи – вели Македон.

Тата-мата за геометрија и за логички задачи

Како што знаете, математиката има повеќе области и секој математичар си има една или повеќе области што му се особено драги.

– Најмногу ме интересираат геометријата и логичките задачи, бидејќи секогаш бараат размислување во повеќе насоки и имаат некој интересен трик што треба да се открие – објаснува Македон.
Освен математиката, Македон има и други интереси. Сака да чита книги, особено научни и авантуристички приказни, и многу го интересира географијата – преку неа учи за различни земји, луѓе и култури. Исто така, ужива и во играње шах, затоа што и тој бара стратегија и логика.
Но покрај сите тие многубројни интереси и активности, како и постојаното решавање задачи, кое одзема многу време, Македон како и секое дете наоѓа време за дружба со другарчињата и за игра.
– Секако дека сакам и да се дружам. Со моите другари играм фудбал, пинг-понг и понекогаш видеоигри. Се забавуваме, но и си помагаме кога има нешто за училиште – вели Македон.
Тој исто така ни откри дека во училиште сите предмети му се интересни на свој начин, но ако треба да избере би заменил некој полесен предмет со уште малку време за решавање математички задачи.
Неговата порака за сите другарчиња што имаат талент е да веруваат во себе и да не се плашат да го развиваат.
– Со добра организација може да се најде време и за учење, и за талентите, и за дружење, и за семејството. Најважно е да се сака тоа што се прави – тогаш резултатите секогаш доаѓаат – порачува македонскиот генијален млад ум Македон Димитровски.
„Колибри“ му ги честита успесите на Македон, му посакува добро здравје и многу среќа во натамошните натпревари и ќе биде тука да пишува за сите негови идни успеси.