Секоја реформа ќе биде плус на државното салдо, а крајниот исход ќе го почувствуваат компаниите, институциите, а пред се граѓаните, истакнала заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков на денешната панел дискусијата во Стопанската комора посветена на „Планот за раст за Западен Балкан и националната Реформска агенда-зошто се важни за бизнис секторот?“.
Пред европските претставници и бизнис-заедницата, како што соопшти Министерството за европски прашања, заменик-министерката Трајков нагласила дека Планот за раст има за цел намалување на економските диспаритети меѓу земјите од Западен Балкан со земјите од ЕУ, а преку тоа и да овозможи подобрување на животот на граѓаните и подобрување на стандардите во сите сфери од живеењето.
– Владата посветува големо внимание на спроведување на зацртаните чекори во Реформската агенда, која што сме ја презеле како обврска и која се надевам ќе ја спроведеме доследно и во целост. Финансиската помош предвидена со Реформската агенда, сепак, не е подарок. Таа зависи од нашата подготвеност да сработиме за да може да продолжиме напред. Секоја реформа ќе биде плус на нашето салдо, а крајниот исход ќе го почуствуваат компаниите, институциите, а пред сѐ – граѓаните – истакнала Трајков пред присутните во Стопанската комора.
Таа потсетила дека за да се почувствуваат бенефитите, ќе мора сите да работиме заедно и здружено, бидејќи само така можеме да одиме напред и само така ќе бележиме успеси на патот кон ЕУ.
Заменик-министерката за европски прашања, истакнала дека нашата земја е првата во регионот која ги доби средствата за претфинансирање во рамките на Инструментот за реформи од вкупно предвидените 750 милиони евра, за поддршка на инвестициски проекти, како и за поддршка на реформските процеси, кои се насочени кон зајакнување на економската интеграција.
– Предвидени се и конкретни цели во делот за деловното опкружување, а овде би спомнала само некои во интерес на времето, меѓу кои: олеснување на пристап до заеми за малите и средни претпријатија, надминување на административните бариери, поефикасен режим и транспарентност во врска со државната помош, справување со неформалната економија… Листата на поставените реформски цели е долга, дел од овие цели ги спроведовме, а дел остануваат да се спроведат во периодот што следува – нагласила Трајков.
Заменик-министерката потсетила дека од неодамна и официјално почна со примена Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во ЕУ. Со тоа, како што се наведува во соопштението, олеснети се и плаќањата за компаниите кон странски партнери, со што се стимулира извозот и се отвора простор за нови вработувања.


































