Трамп ги покажува плановите за реновирање / Фото: ЕПА

Поделени мислења за тековното реновирање на претседателската резиденција во Вашингтон

  • Направените промени на изгледот на Белата куќа од страна на претседателот Трамп отворија дебата за традицијата наспроти вкусот и луксузот, при што критичарите го нарекоа проектот прекумерен, додека поддржувачите го поздравија како смел израз на американската грандиозност

Речиси една година од неговиот втор мандат, американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја реконструира Белата куќа во свој стил, што наидува на критики од неговите политички противници.
Источното крило, кое претставува дом на првата дама на САД и нејзиниот персонал, како и источната колонада, е срушено за да се направи место за огромна нова балска сала и придружна колонада. Предвидено е реновираната балска сала со површина од 8.400 квадратни метри да биде речиси двојно поголема од постојната резиденција во Белата куќа. Проценето е дека ќе чини 300 милиони долари, со што беше соопштено дека проектот е финансиран од „патриотски донатори“, вклучувајќи големи технолошки компании како што се „Амазон“, „Гугл“ и „Мета“. Се очекува реновирањето да биде завршено во текот на претседателскиот мандат на Трамп.
Источното крило првично било познато како источна тераса и било изградено за време на претседателствувањето на Теодор Рузвелт во 1902 година. Франклин Рузвелт го создал источното крило во неговата сегашна форма во 1942 година за да додаде работен простор за време на Втората светска војна, но исто така и да скрие подземен бункер што бил изграден за претседателот и персоналот. Со текот на времето, тоа станало престојувалиште за првата дама и нејзиниот персонал. Исто така, тоа било дом на градината Џеклин Кенеди.
Во оригиналниот план за балската сала, таа требало да остане недопрена и, според Трамп, да стане простор каде што гостите ќе се дружат сè додека не бидат повикани во балската сала на вечера. Сепак, неколку дена откако беа поставени темелите на новиот проект, Белата куќа потврди дека целото крило ќе биде срушено.
Во рамките на реновирањето, историската градина на розите е заменета со патека од бел камен, додека западната колонада сега има „Претседателска патека на славните“ обрабена со златни портрети на поранешни американски претседатели.

Внатре, Овалната соба, која претставуваше релативно ненаметлив простор, сега е трансформирана во раскошен приказ на златни акценти и украсен мебел. Уредувањето на Овалната соба по вкус на Трамп, како што прават претседателите кога ќе ја преземат функцијата, го зголеми тројно бројот на уметнички слики на ѕидовите, со злато речиси насекаде. Трамп, исто така, постави портрети од секој претседател врамени во злато на западната колонада, освен оној на поранешниот претседател Џо Бајден, како и големи огледала од подот до таванот, кои новинарите можат да ги видат кога се придружувани во Овалната соба.
Дури и бањата на Линколн е реновирана, со мермерни и златни елементи. Бањата е дел од канцеларијата и кабинетот на Абрахам Линколн, кои поранешниот претседател Хари Труман ги обнови во рамките на значителното реновирање на Белата куќа кон крајот на 1940-тите.
Направените промени на изгледот на Белата куќа од страна на претседателот Трамп отворија дебата за традицијата наспроти вкусот и луксузот, при што критичарите го нарекоа проектот прекумерен, додека поддржувачите го поздравија како смел израз на американската грандиозност.
Поборниците за зачувување на традицијата сметаат дека Трамп требало да побара јавна ревизија пред да ги направи промените, за кои велат дека ќе го надвладеат класичниот стил на Белата куќа. Белата куќа им возврати на критичарите, велејќи дека немаат слух за визионерското додавање на претседателот Доналд Трамп на голема приватно финансирана балска сала во Белата куќа како смело и неопходно дополнување“.
Како одговор на неговото последно реновирање на бањата, демократите го обвинија претседателот дека е повеќе фокусиран на преобразба на Белата куќа отколку на решавање на блокадата на владата. Блокадата, која сега влегува во својот втор месец, е резултат на спор околу тоа дали да се продолжат субвенциите за здравствено осигурување.
Историските артефакти што биле сместени во зградата биле „конзервирани и складирани“ од кураторот на Белата куќа, кој е одговорен за грижата за историски значајните предмети во претседателската резиденција. Историското здружение на Белата куќа, независна организација што ја зачувува историјата на зградата, исто така спроведе „сеопфатен проект за дигитално скенирање и фотографирање за да создаде историски запис“ пред уривањето. Р.С.