Денес стоиме пред почеток на едно ново, убаво поглaвје за нашиот главен град. Оваа прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје е чин со кој испраќаме силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје. Овој Совет, избран со доверба од граѓаните, има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој, да покаже дека кога политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред се, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Немаме време за експерименти, мораме сите заеднички да се зафатиме за работа, работа и тоа веднаш, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
На првата конститутивна седница на Советот на Градот, Ѓорѓиевски се осврна на неговите приоритети како градоначалник и упати порака до советниците дека нивната улога во заедничката приказна за Скопје е клучна. Напомена дека очекува овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија, а не на поделби, како и да покаже дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и ефикасност.
Ѓорѓиевски изрази и уверување дека Советот ќе ги носи одлуките со консензус и само во интерес на Скопјани.
– Верувам дека заедно, со визија, труд и одговорност ќе изградиме модерен, чист и достоинствен град Скопје, каков што сите заслужуваме. Без разлика на политичката припадност, сите сме тука за една заедничка цел – да го направиме Скопје подобро место за живеење. Очекувам овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија, а не на поделби, да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на нашиот народ. На граѓаните им должиме чесност, посветеност и конкретни резултати. Наша обврска е да ја вратиме довербата во институциите и да покажеме дека локалната власт може да биде пример за професионалност, интегритет и пред се ефикасност – потенцира градоначалникот.
Тој уште еднаш рече дека целта му е од Скопје да создаде град кој ќе биде пример за чистота, ред, транспарентност и современ, урбан развој, град во кој, како што нагласи, граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, гордо и рамноправно.
– Скопје е срцето на Македонија. Ова е град со историја, традиција, култура и младост. Нашата мисија е да го зајакнеме сето ова, да направиме од Скопје место во кое младите ќе останат, каде семејствата ќе се развиваат, а сите наши граѓани ќе живеат достоинствено. Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: да обезбедиме ефикасен, но и модерен јавен превоз што ќе ги поврзува сите делови од нашиот град, ќе вложуваме во нови автобуси, во подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на нашите улици. Чистиот воздух, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики со конкретни и видливи резултати. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес, пред се, на нашите граѓани. Тоа го покажав и во минатото како градоначалник во Кисела Вода, а ќе се залагам за тоа и во Градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор – подвлече Ѓорѓиевски.
Се осврна и на младите кои, рече, се двигател на секоја заедница.
– Затоа ќе обезбедиме поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт. Градот ќе биде партнер, а не пречка за нашите млади – истакна Ѓорѓиевски.
Тој посебно укажа на транспарентноста која, како што потенцира, е исто така еден од врвните приоритети.
– Скопје од вчера е отворен град за сите, граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација – рече градоначалникот.
На крајот од обраќањето, Ѓорѓиевски изрази благодарност до жителите кои, како што рече, ги поддржаа визијата и искрениот пристап и кои препознаа дела, наместо празни зборови.
Со денешната прва конститутивна седница на Советот на Град Скопје раководи Ристо Пенов.





































