Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител во кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 од Кривичниот законик, за настанот на 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, каде осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев.
Како што информираат од Обвинителство, најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата, а потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.
-Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката. Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор – се вели во соопштението на ЈОРСМ.
По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.



































