Силно сме посветени на изградбата и модернизацијата на Коридорот 8, еден од најважните трансевропски транспортни коридори со стратешко, економско и геополитичко знаење за целиот Балкан и цела Европа, порача денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, откако со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов го потпишаа Договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8, на железничката станица Ѓуешево, јави известувачот на МИА.
– Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што сме учеле додека бевме деца – дека двете држави, двата главни града, Софија и Скопје, треба да се поврзат со железничка врска – рече вицепремиерот Николоски, истакнувајќи ја напорната работа и посветеност за реализација на проектот.
Според Караџов, овој ден е исклучително важeн бидејќи, како што нагласи, се исполнува сон на многу генерации.
– Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект – изјави Караџов, кој пристигна на настанот со воз од Ќустендил.
Валентина Суперти, директорка на Директоратот за Западен Балкан на ЕК порача дека Договорот е многу важен за двете држави, но и за целиот регион.
– ЕУ ја поддржува соработката меѓу двете земји и обезбедува финансии за имплементација на проектот. Изградбата на тунелот ќе донесе социјален и економски бенефит за регионот – рече Суперти.
Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот – меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска Скопје и Софија, беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.
Коридорот 8 како транспортна линија што го поврзува Јадранското Море со Црното Море, беше посочено на церемонијата, за државава значи директна поврзаност и излез на два мориња што е значајно за поголема конкурентност на економијата.
Со изградбата на пругата, што почна да се гради во 1994 година и која се смета за проект од национален интерес за државава, треба да се создадат услови за побрз и поевтин транспорт на стоки и патници, да се поттикне развојот на трговијата, туризмот и инвестициите во регионот. Се потенцира како значајна и поради тоа што Коридорот 8 е стратешки коридор на НАТО.
Проценките на институците се дека со нејзината изградба ќе има зголемување на товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата.
Од трите планирани делници завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра). Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за заврување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик.


































