Изложбата „Линеарна хармонија“ на Филип Перески ќе биде поставена денеска, во 20 часот, во галеријата на МКЦ, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 15 ноември.
Филип е роден на 10.9.1990 година во Прилеп, Македонија. Дипломира во 2013 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на катедрата за ликовна педагогија, насока вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Член е на
Друштвото на ликовни уметници во Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп.
– Реконтекстуализацијата на линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и истражувањето на нејзините бескрајни можности се главни одлики во сликарството на академскиот уметник Филип Перески.
Спонтаните искривени линии создаваат динамичност и флуидност на дводимензионалната површина. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминираат активен однос и слободна креативна игра меѓу ликовните елементи – контраст и градација на линијата и бојата. Уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции преку хоризонтално протегнување и вертикално извишување на линиите, нивните брзи градации и збиена густина. Повторувајќи ги експресивните контрастни линии, тој дополнително создава длабочина во асиметричните композиции. Со искривување и раскршување на линијата, уметникот создава густо ткаење на експресивни односи, каде што хаотичната хармонија и редот коегзистираат во визуелна рамнотежа. Ослободувајќи ја композицијата од геометриската строгост, автентичниот ликовен јазик на Филип Перески спонтано еволуира во апстрактно-асоцијативен израз – пишува м-р Викторија Димеска, историчарка на уметност.


































