Инцидент во Сплит го потресе регионот и создаде тензии меѓу Хрватска и Србија
- Тензиите помеѓу Хрватска и Србија се зголемија по инцидентот што резултира со прекин на културната манифестација „Денови на српската култура“, во организација на српското културно друштво „Просвјета“, по упадот во неделата на педесетина мажи во салата на месната заедница Блатина-Шкрапа, каде што се одржуваше настанот
- Инцидентот во Сплит одново покажа колку лесно може да се обноват старите анимозитети и колку е важно општеството да не ја толерира омразата. Настанот чија цел беше славење на културата и зајакнување на меѓусебното разбирање заврши како потсетник дека мирот и толеранцијата мора секојдневно да се негуваат
Напад врз српска фолклорна група од група маскирани екстремисти во Сплит го потресе регионот, создавајќи тензии меѓу Хрватска и Србија преку обновување на меѓусебниот анимозитет од минатото. Официјален Белград реагираше остро, отворајќи го прашањето за безбедноста на малцинствата во соседната држава, додека хрватската влада се оградува од инцидентот при соочувањето со критики од тамошната опозиција.
Настапот прекинат по упатени навреди
Сето ова е последица на инцидент што резултира со прекин на културната манифестација „Денови на српската култура“, во организација на српското културно друштво „Просвјета“, по упадот во неделата на педесетина мажи во салата на месната заедница Блатина-Шкрапа, каде што се одржуваше настанот,.
Очевидци велат дека групата скандирала „За дом спремни“ и извикувала навреди кон присутните, додека некои од гостите биле принудени во страв да ја напуштат салата. Маскираните хулигани потоа избегале од салата пред да пристигне полицијата.
Од културното друштво „Просвјета“ најавија дека ќе бараат правна одговорност, истакнувајќи дека длабоко вознемирувачкиот инцидент е напад врз идејата за соживот и оти не смее да се премолчува.
Инцидентот во Сплит одново покажа колку лесно може да се обноват старите анимозитети и колку е важно општеството да не ја толерира омразата. Настанот чија цел беше славење на културата и зајакнување на меѓусебното разбирање заврши како потсетник дека мирот и толеранцијата мора секојдневно да се негуваат.
Осуда од Загреб и од Белград со здружено спротивставување на омразата
Хрватскиот премиерот Андреј Пленковиќ го осуди нападот, нарекувајќи го „срам за Сплит и за државата“ и порача дека нема оправдување за омразата и насилството, без разлика кон кого се насочени. Тој нагласи дека Хрватска мора да биде место каде што секој има право да ги негува сопствената култура и традиција без страв.
Од Белград стигнаа реакции на загриженост и осуда, при што од српското министерство за надворешни работи порачаа дека очекуваат брза и темелна истрага, а пратеници во српското собрание повикаа меѓународните институции да обрнат внимание на растечките националистички испади во регионот. Во српската јавност се истакнува дека нападот создава чувство на несигурност меѓу Србите во Хрватска.
Во Сплит дел од граѓаните изразија солидарност со нападнатите, а неколку организации најавија мирни собири против омразата. Социјалните мрежи беа преплавени со коментари на поддршка и со апели за разум и почит.
Полицијата соопшти дека работи на идентификација на сторителите и дека ќе се провери дали станува збор за организирана група. Засега нема информации за приведени, но истрагата продолжува. Градските власти во Сплит најавија засилени мерки на безбедност за сите јавни настани што вклучуваат културни здруженија.
Ангел Митревски, наш дописник од Сплит


































