ФУДБАЛ
- ИФАБ минатата недела се состана за да се разговара за потенцијалните промени на ВАР. Имаше различни мислења од членовите на советодавните панели, во кои се вклучени поранешни фудбалери, тренери и судии
Тренерот на Нотингем форест, Шон Дајч, беше фрустриран бидејќи голот на Касемиро за Манчестер јунајтед што го прими неговиот клуб беше постигнат од она што се чинеше дека е погрешно досуден корнер, а системот видеопомошник-судија (ВАР) не можеше да го погледне бидејќи корнерите не се едно од нештата што ги надгледува, пишува „Би-би-си“. Николо Савона инсистираше дека ја задржал топката во игра, но помошникот на судијата, Акил Хаусон, сигнализира корнер. Шест дена претходно, Маркус Таверние од Борнмут постигна гол директно од корнер, кој требаше да биде гол-аут, пишува „Би-би-си“.
– Мора да има некој што ќе ја поништи оваа одлука – рече Дајч.
Кога Дајч беше тренер на Евертон, тој се пожали дека ВАР „не може да суди секој момент“, пишува „Би-би-си“.
Техничките панели на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) се состанаа минатата недела за да разговараат за потенцијалните промени на ВАР, а на дневен ред беа и погрешно доделени корнери што доведуваат до голови. Светската фудбалска федерација (ФИФА) предложи корнерите да станат дел од надлежноста на ВАР и се сметаше дека тоа е најверојатната промена што треба да се воведе, бидејќи тоа е фактичка одлука, а не субјективна, пишува „Би-би-си“. Тоа значи дека судија нема да одземе од времето со одењето до мониторот покрај теренот. Но имаше мешани мислења од членовите на советодавните панели, во кои се вклучени поранешни фудбалери, тренери и судии, и беше отфрлено, бидејќи тоа би значело проверка како топката излегла за секој гол што е резултат на изведен корнер. Исто така, тоа би прекршило еден од основите на петтото правило што се применува на сите нивоа, со или без ВАР, кое вели дека судијата не може да ја промени одлуката за продолжување меч ако сфати дека е неточна откако играта ќе продолжи, што значи, дека откако ќе се изведе корнерот играта мора да продолжи, пишува „Би-би-си“. Ако не се прекршува тој клучен дел од петтото правило, мора да се прегледа секој корнер, на пример, во просек има околу 10 по меч во Премиер-лигата, и да се осигури дека одлуката е точна пред да се изведе. Панелите на ИФАБ препорачаа преглед на прикажаните втори жолти картони, бидејќи тие не се толку редовен настан, но дури и тоа е контроверзно за некого, пишува „Би-би-си“. Во јули, извршниот директор на англиската Фудбалска асоцијација (ФА), Марк Булингам, изјави дека е против проширување на овластувањата на ВАР. Одборот на ИФАБ е составен од фудбалските асоцијации на Англија, Северна Ирска, Шкотска и на Велс, кои имаат по еден глас, и ФИФА, која има четири гласа.
– Не мислиме дека има потреба да се прошири употребата на ВАР. Во Меѓународниот фудбалски борд редовно се водат дискусии за тоа што треба да биде ВАР и како треба да се движи напред. Мислам дека нашиот став е дека сега сме на добро место – изјави Булингам за „Би-би-си“
И Алан Ширер смета дека ВАР не треба да ги прегледува корнерите.
– Се согласувам со Шон и ја разбирам неговата фрустрација. Не би сакал да се вклучува ВАР, не би го охрабрил тоа, но би ги охрабрил судиите да ја работат својата работа правилно и да ја направат исправна, а не да нагаѓаат – рече тој.
Други тврдат дека тоа што ВАР не ги прегледува грешките што се фундаментални за постигнување гол се чини дека е против целиот карактер на системот, пишува „Би-би-си“. Се смета и дека ако се почне со прегледување корнери, што би било следно? Слободни удари? Аути? Дали потоа ќе се разгледува сѐ, пишува „Би-би-си“. Засега се смета дека прегледувањето корнери бара многу повеќе дискусија за потенцијалното влијание, пред да се разгледува промена. Н.М.


































